На јутјуб каналот на на продукцијата “Балкан велики”, објавен е новиот видео запис за песната “Мојата Марија” од неодамна издаденото EP издание “Никој нема да не раздели” на бендот за кое претходно известивме.
Визуелизацијата за првата песна на ова издание претставува совшено дополнување на лирската содржина на песната, пренесена на еден доследен визуелен стил…
Навната секојдневност прикажана преку ликот на најмладите и нивната навидум безгрижна игра во ова видео издание претставува идентификација на она што секојдневно се случува пред очите на возрасните а што е корен на потенцијални проблеми во општеството…
Безгрижната детска игра на идните граѓани на оваа држава и не е така безгрижна имајќи го предвид фактот дека токму на оваа возрасна граница детските карактери апсорбираат најмногу информации и им се формира нивниот подоцнежен животен пат и одлуки кои произлегуваат од нивниот личен избор во иднина.
На еден наивно и суптилно експлицитен начин режисерот Милан Блажевски го доближува овој проблем до пошироката публика сакајќи да го покрене ова важнбо општествено прашање во јавноста. Секако ваквата визуелизација се гради на звукот и лириката на песната произлезена од богатото музичко кредо на бендот.
Дополнително во контекст на режисерското остварување, одат во прилог внимателно селектираниот избор на кадри и графички анимации на видеото што му дава целовитост на овој видео материјал.
Оваа приказна не сакаме да заврши само со ова видео… Бернајс Пропаганда имаат уште многу што да кажат. Нивната музика со идните реализирани видео записи треба да како чекан со шило да удри по мувлосаните ѕидови на оваа наша конзервна фабрика која како на инертна производна лента продуцира апсурдни човечки карактери чиј што лајт мотив во животот е да бидат нечии робови.
Слободата со пари не се купува. Таа се живее преку уметност, нескротливост на човечкиот дух и интелект во интерес на општата благопријатност која извира од секој поединец.


