Новите цени на горивата од утре граѓаните ќе ги дознаваат на бензиските пумпи. Мандатот за утврдување на цените на дериватите истекува во понеделник на полноќ кога истекува договорот со ОКТА според кој функционираше старата методологија за утврдување на цената. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека добиле уверување од трговците дека нема да се создаде ценовен шок и ќе се следат цените на светскиот пазар.
Цената на горивата, според новата методологија, ќе се пресметува според движењето на цените на светските берзи и средниот курс на доларот, а во пресметката ќе бидат вклучени и трошоците на трговците за набавка, складирање и транспорт.
Дополнително ќе се одреди и маржа за профит на трговците, но според регулаторите заработувачката ќе мора да биде разумна.