Како Градоначалник на Општина Берово должност ми е секогаш преку соочување на аргументите и фактите да се бориме за крајната цел која треба да биде на секоја општинска администрација а тоа е Берово да биде подобро место за живеење на своите граѓани. Во тоа име би ја искористил приликата да ги дообјаснам фактите од мојот едногодишен отчет и аргументирано да ги отфрлиме обвинувањата кои сте си ги нафрлиле во вашето обраќање како опозиција. Точно дека помина една година од моето доаѓање на чело на општина Берово и точно е дека наследив некои проекти кои моравме да продолжиме да ги работиме како одговорна власт, но наследив и голем долг за тие проекти од кои во рок од една година успеавме да иссервисираме 6 милиони денари, што значи само за сервисирањето на долгот за проектите кои вие ги сметате за ваши сме можеле во најмала рака да направиме нови 3 улици во градот.
А кога сме кај долгот еве сега ќе спомнам дека заради самоволието на мојот претходник кој избрка од работа двајца вработени во општината, па судот ги врати, треба да платиме уште шест милиони денари, а тоа се уште нови три улици. Дали сум во „илегала“ и се кријам повторно ќе кажат бројките. Секојдевно, со работно време од 07 часот вклучително и за време на викендите, имам примено над 1500 граѓани.Нема човек кој побарал прием а да не бил примен лично од градоначалникот. А, тоа што Вие ме немате видено е претпоставувам заради тоа што ме барате на места каде што мојот претходник најчесто можеше да се сретне: во кафана да троши општински пари, со службено возило за приватни цели да се шета низ европа, во тепачки со пензионери и билтени на МВР.
За мојата сопруга зборувавте доволно и после 100-те дена од мојот мандат, но ни тогаш ни сега не кажавте зошто за време на Вашето владеење таа работеше во Струмица, а беше единствена во Агенцијата за вработување како невработена, во момент кога општината имаше потреба од таков кадар, а воопшто не ја разгледувавте како можна опција, па донесовте лице од село Оризари кочанско и го држевте противзаконски три месеци со договор за дело, за што се надевам дека Обвинителството ослободено од стегите на ДПМНЕ ќе реагира.
Но исто така не спомнавте дека Сопругата на претседателот на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, и после една година од мојот мандат, сеуште ги ужива правата на вработена со продолжување на договорот за работа на определено време.
И поранешниот градоначалник, пратеник е унапреден БЛАГОДАРЕНИЕ НА ИНИЦИЈАТИВА на ВАШАТА Советничка група за назначување на Секретар на Општината, кое нешто е согласно Законот.
За фамилиите за кои зборувате не можеме да разговараме бидејќи јас не потекнувам од тие фамилии кои ги потенцирате, некои од нив се времено ангажирани но не и вработени во општината. И без разлика кој какво презиме носи, може да работи само според своите квалификации, образование и знаења а не како член на некоја „фамилија“. За новиот проект со промена на цевките на Беровско Езеро, тоа што го правиме, ако не ви е јасно Берово има стратегија да стане познато туристичко место и тој проект е токму во таа насока за развој на туризмот, проект од кој бенефит ќе имаат сите туристички капацитети на Беровско езеро а не само комплексот кој го споменувате.
За скромната донација со неколкуте канти која ја спомeнувате, со која успеавте да го спинувате и омаловажите донаторот без разлика колку и да е мала или голема донацијата сепак е донација и треба да се искаже благодарност за истата. Вака само правејќи негативна фама за нешто што е очигледно позитивно само ќе ги одбиете некои донатори во иднина.
Втората ламела во Старечниот дом е во фаза на внатрешно уредување и не ми е јасно како ги поврзувате парите потрошени за бината со уредување на внатрешниоста на истиот.
Уште една ноторна лага во Вашето излагање е дека за бината се потрошени повеќе пари од порано. Еве ги фактите: За поставување на бината оваа година се потрошени 120.000 денари. Претходни години се трошело 500.000 денари и повеќе и не знам од каде смислата и за ова да обвинувате.
Зелениот пазар е проект од претходно кој сега се реализира и тоа е токму благодарние на неуспешниот обид за негова реализација во ваше време. Попрецизно Наџински го најави, не го ни започна, со Груевски и видео правеа за изборите, а Зелениот пазар почна и ќе се заврши според планот за два месеци.
За моите проекти во селата доволно е напишано во мојот Отчет, именувани проекти завршени, во тек и планирани во блиска иднина. Звучните имиња на ЕТНО Фестивалот од типот на Здравко Чолиќ, Северина …оваа година изостанаа благодарение на загубената доверба од претходно.
Знаете ли дека не е плаќано на време на ниеден, повторувам на НИЕДЕН изведувач на претходните етно фестивали. Некои беа исплатувани и две години од нивниот настап. Но и Каролина ако според Вас не е ѕвезда, за мене е ѕвезда, и тоа Македонска. Оваа година е дадена можноста наши локални изведувачи да го имаат предимството во учеството па без разлика каде и да припаѓаат, а обврските за истиот за првпат се во целост иссервисирани со цел да ја вратиме довербата за плаќање.
На крајот, Ве поканувам да останете конструктивна опозиција , следете го секој чекор од моето работење, критикувајте ги сите нереализирани проекти и тековното работење на Градоначалникот и општинската администрација, која имајте во предвид при обвинувањата, дека воглавно е истата која работеше и во минатото , со цел не само да се вратите на власт туку да го правиме животот на граѓаните на Берово подобар, полесен и поквалитетен. Тука сум секој ден од 07 часот, општината е Отворена за сите информации, предлози и сугестии а доколку имате било какви индиции за неправилно,незаконито и криминално или било какво работење, ВЕ охрабрувам ВЕДНАШ да ги изнесете аргументите и тоа да го пријавите до надлежните органи. Јас сум овде да работам чесно, транспарентно во служба на граѓанитена Општина Берово а вие треба да бидете конструктивна опозиција, да го следите моето работење и да критикувате ама тоа што е, без приказни и без она што е позитивно да го правите негативно.
Превземено од Општина Берово