Општина Кочани започна со испитување на јавното мислење како дел од кампањата за зајакнување на сообраќајната култура. Активностите се спроведуваат во соработка со СОУ „Гошо Викентиев“ односно со учениците и професорите од сообраќајната струка во ова училиште.
Деновиве во централното градско подрачје беше реализирана анкета со случајно избрани жители, по прашалник поврзан со проблемите и предизвиците во сообраќајот, користењето на еколошки превозни средства и со паркирањето.
По анализата на добиените одговори, со учениците од сообраќајната насока ќе се изготви едукативен материјал со цел да се зајакне свеста за влијанието на сообраќајот врз климатските промени и да се подобри однесувањето на учесниците во сообраќајот.
Во соработка со надлежните институции, а со вклучување на сите засегнати страни, кампањата ќе продолжи до крајот на 2022 година, а според повратните информации од истражувањата на јавното мислење, стручните служби ќе работат и на соодветни сообраќајни решенија.
Извор: Општина Кочани