Комисијата за локална самоуправа на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во јавноста упати информации во врска со постоење на основано сомневање за можен скандал околу концесијата за вадење на речен песок од речното корито на реката Брегалница на територијата во општина Карбинци.
Во текот на вчерашниот ден жители на Карбинци организираа и граѓански протест во врска со овој скандал.
Во продолжение ја пренесуваме реакцијата која ја упатија во јавност од страна на Комисијата за локална самоуправа на опозициската ВМРО-ДПМНЕ:
“ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА КАРБИНЦИ НА МИСЛА – ЛИЧНИОТ ИНТЕРЕС ИЛИ БЛАГОСОСТОЈБАТА НА ЖИТЕЛИТЕ
Скандал ја тресе малата Општина Карбинци!
Фирма, чијшто сопственик е братучед на градоначалникот Јордан Насев, вади песок од концесиско поле во близина до коритото на река Брегалница. Песокот се црпи со дозвола од соодветното Министерство…
И се‘ ова изгледа наивно и законски, но реалноста изгледа е сосема поинаква. За волја на вистината, во АД Водостопанство, кое е одговорно за речните корита е вработен синот на сопственикот на компанијата која ископува. А чичкото е градоначалник во општината во која се ископува.
Ова отвара бројни прашања и дилеми.
⚠️Дали ова не е случај на судир на интерес и злоупотреба на влијание?
⚠️Дали компанијата е во заедничка сопственост на градоначалникот и неговиот братучед?
⚠️Дали компанијата се придржува на законските прописи, затоа што се работи за ерозивно подрачје, постои опасност од одрони и уништување на поседите на жителите на Карбинци?
Жителите од Карбинци се исплашени за својата егзистенција и се сомневаат во грижата на градоначалникот за Општина Карбинци, кој и не живее на територијата на општината со која управува. Тие се прашуваат дали високата функција, нивниот градоначалник ја користи за задоволување на својот личен интерес или за подобрување на животот во оваа општина.”