Православните верници од Виница и Истибања од вчера имаат ново духовно седиште, после една деценија во изградба, комплетиран и осветен новиот храм посветен на “Св.првомаченик и архиѓакон Св.Стефан“. Вчера, на 11. 11. 2018 година, 24 – та Недела по Педесетница, преп. мч – чка Анастасија Римјанка, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на свештеници од кочанското и делчевското архиерејско намесништво, во годината кога МПЦ – ОА ја одбележува 1 000 годишнината на Охридската архиепископија, како и Јубилејот – 60 години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, ја освети новоизградената црква посветена на „Свети првомаченик и архиѓакон Стефан“ во с. Истибања – виничко, и отслужи Света Архиерејска Литургија.
Храмот кој е лоциран во центарот на селото, внатрешно е комплетиран со фрескоживопис изработен од страна на зоографите од Јагодина, а надворешно сеуште се уредува.
Изградбата ја помогнаа самите жители, но и општина Виница.
Селото кое е едно од поголемите во општината, годишно има по десетина венчавки и крштевки, кои досега се оддржуваа во старата црква посветена на Св.Петка.
Покрај храмот Св. Стефан, веќе се поставени темелите и на новата камбанарија, чија изградба чека на подршката од жителите и бизнис заедницата.
Инаку, споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан, светата православна црква го празнува на третиот ден од празникот Божик . Тој е наречен првомаченик затоа што тој е прв што настрадал за Христовата вера. Веднаш по слегувањето на Светиот Дух во Ерусалим била формирана Христијанска општина, биле избрани седум ѓакони да се грижат за сиромасите, за болните, старите, вдовиците и да ги делат подароците што христијаните ги давале на црквата. Најстар во тие седум ѓакони бил Стефан поради што бил наречен Архиѓакон.
Превземено од фејсбук страницата на Градоначалникот на Виница Ивица Димитровски