Басистот на популарниот бенд Меморија од 80-тите и 90-тите години на минатиот век, маратонец, актер и познат скопски бунтовник од младоста Петар Георгиевски- Камиказа на социјалните мрежи соопшти дека се подготвува за кандидатура за градоначалник на Град Скопје.
Перо Камиказа уште од најрана младост ја имаше привилегијата која што многу тогашни млади луѓе ја немале, да пркоси на комунистичкиот систем каде што другите млади не смееле.
Тој во своја објава на фејсбук направи споредба меѓу неговиот рејтинг и рејтингот на Петре Шилегов кој што е по втор пат кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје.
Перо Камиказа го соопшти сопственото водство над Петре Шилегов со двојна предност кај немакедонското население на Скопје, но го пофали Шилегов дека ја уживал поддршката на 93% од неалбанското население.
Притоа Перо Камиказа во својата објава ја оквалификува Левица дека уживала најголема поддршка од гласачите на возраст околу 30-тат деценија од животот.
Ваквото соопштение со пропагандни примеси на штета на мнозинското про-опозициско расположение во градот Скопје на Перо Камиказа како да е пишувано во штабот на СДСМ и е дел од мисијата на Левица да го исситни опозицискиот блок во интерес на добивање на уште еден мандат на Петре Шилегов кој што пак е во целосна функција на политиката на Зоран Заев.
Во продолжение го пренесуваме фејсбук статусот на Перо Камиказа во кој што можат да се препознаат соте овие пропагандни пораки во функција за останување на власт на Петре Шилегов и СДСМ во Скопје.
“Анкети и кандидатура за градоначалник на Град Скопје
Помина извесно време и еве со вас ги споделувам согледувањата од неколкуте анкети кои го кажуваат следното:
Скоро во сите општини со мнозинско македонско население разликата помеѓу мене и Петре Шилегов е речиси дупла во моја корист, но во немакедонското население скоро во целост односно 93% оди во корист на Петре Шилегов. Ова не е воопшто изненадувачки и шокантно знаејќи ја моменталната поставеност на терен, но за мене нај шокантно и во најмала рака збунувачки е што во анкетите што се направени, оние деца кои се родени во независна Македонија, кои од прилика имаат од 18 до 30 години мене ме познаваат само 13% а Шилегов 65% ?!?! Токму овој факт беше причината за која се колебав овие денови да ја финализирам мојата кандидатура за градоначалник. Обично не се откажувам така лесно, и направив едно мало истражување, да видам каде можам да најдам начин, да ме запознаат поголем дел од триесет годишњаците кои го познаваат Петре Шилегов повеќе од мене ?! Испадна дека единствена политичка партија чие гласачко тело ги има токму овие гласачи, е ЛЕВИЦА. Со нивна поддршка како независен кандидат, шансите драматично се зголемуваат да се анулира разликата или со други зборови, победата е речиси блиску. Ако кампањата која ја водам го погоди неопределеното гласачко тело победата е на праг, се разбира заедно со сите вас. Доколку вашата поддршка остане за мене како НЕЗАВИСЕН кандидат поддржан од ЛЕВИЦА со радост ќе го прифатам овој предизвик во кој ќе си ги жртвувам сопствениот мир и спокој . Ете тоа е она што сакав да ви го соопштам пред два дена. За жал друго решеније нема, ова е единствено. Значи да повторам НЕЗАВИСЕН КАНДИДАТ за градоначалник на Град Скопје, со поддршка на ЛЕВИЦА. Немам ништо што да кријам од вас, еве го споделив можеби единствениот начин да го симнеме овој КРАДОНАЧАЛНИК.
П.С. Вашите мислења и понатаму ми остануваат драгоцени, имаме 48 часа за заедничка одлука.
Искрено ваш, Петар Георгиевски Камиказа”
-напиша Перо Камиказа на фејсбук.


