Пратеничката на СДСМ која беше дел од Шарената револуција, на својот фејсбук профил информираше дека до пратениците стигнале писма со содржина со која според неа се прави притисок врз слободното искажување на уверување на пратениците.
Притоа пратеничката Туфегџиќ ја наведува фразата “ќе има немири, па избори и ќе одите во затвор” спомната во писмото за која смета дека е нејасна што сакале пишувачите на ова писмо да постигнат
Во продолжение целиот текст на обраќањето кое го објави пратеничката на СДСМ:
Утрово во Собранието пристигнаа писма од извесно здружение за кое не сум чула, меѓутоа не е ниту важно, ниту прв пат да стигнуваат писма од здруженија со ставови за закони и одлуки, често аргументирани кои менувале ставови на пратеници за закони.
Арно ама, содржината на писмово на кое е прикачена колумна на еден лидер на партија е во најмала рака непристоен притисок на слободното уверување на пратениците. Притисокот за одредено гласање е легитимно право на граѓаните, меѓутоа кога во содржината ќе напишете “ќе има немири, па избори и ќе одите во затвор” нејасно е што сака писателот да постигне.
И еве бидејќи толку се љубители на правото дел од член 64 од Уставот на Република Македонија:
“Пратеникот не може да биде повикан на кривична
одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието”
Апсолутно немам никаков проблем со било чив искажан став по однос на Договорот со Грција меѓутоа сите, особено оние кои се интелектуалци и кои профилираат во јавниот дискурс треба да се свесни за тежината и одговорноста за зборовите кои ги искажуваат бидејќи предизвикуваат нетрпеливост и конфузија меѓу граѓаните.
Здрава дебата може и мора да се води без шпекулации, наведување, манипулации, клетви во интерес на крајот на денот на оваа држава и нејзините граѓани.