Откако преку нашиот информативен портал граѓанин од Кочани реагираше во врска со состојбата со Спомен паркот во Свиланово посветен на Никола Карев , од Општина Кочани реагирале на терен и оваа јавна површина е доведена во употребна состојба, како што доликува на еден Спомен парк посветен на еден од најзначајните историски личности од Македонската историја, Никола Карев.
Во продолжение ја пренесуваме реакцијата доставена до нас од страна на општинската администрација во Кочани по тој повод:
Почитувани,
Во врска со написот „Спомен паркот посветен на Никола Карев во Свиланово заборавен од локалните власти на Кочани“, објавен на Брегалнички.мк, Ви доставуваме фотографии од кои можете сами да забележите дека спомен-обележјето на Никола Карев во Свиланово е во одлична состојба.
Иако тоа не беше предвидено со проектот, Општина Кочани со сопствени средства постави заштитна ограда, за да го зачува просторот од добитокот што се напасува во околината на споменикот и од несовесни граѓани кои придонесуваат за негово оштетување и руинирање.
Одбележувањето на годишнината од смртта на големиот идеолог и револуционер Никола Карев е повод посебно да се погрижиме за средувањето на неговото најново спомен-обележје, иако одржувањето на сите споменици и спомен-обележја во Кочани – за разлика од порано – се одвива во континуитет.
Во продолжение за увид на состојбата ги објавуваме дел од доставените фотографии од општина Кочани

