Во продолжение ја пренесуваме интегрално прес конференцијата на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Штип:
Автопатот Штип – Миладиновци ќе биде готов во Октомври!
Ова е изјавата на Министерот за транспорт и врски, кога во Септември оваа година беше на увид во Штип. Но, очигледно е дека истата била неточна и популистичка и дека партијата на власт нема капацитет да заврши дури и веќе почнати проекти.
Во познат стил, СДСМ шири невистини во јавноста, кои имаат директно влијание врз развојот на економијата, образованието, здравството и воопшто, животот на граѓаните. Овој автопат требаше да го поврзи источниот регион со главниот град уште во 2017 година, меѓутоа и на крајот од 2018 година граѓаните не можат да го почувствуваат благодетот на квалитетна инфраструктура.
Неспособноста на СДСМ не е само во реализацијата на капиталните проекти, која втора година по ред е на најниско ниво во последниве десет години, туку и во менаџирањето со народните пари. Имено, минатата недела на седница на Собрание, Министерот за транспорт и врски, токму за оваа делница побарал зголемување на долгот кон меѓународните финансиски институции за дури 10.4 милијарди денари и обезбедување на сопствени средства за 1.16 милјарди денари. Ова би значело дека поради пробиените рокови, државата дополнително ќе се задолжува и непотребно ќе троши народни пари, а за сметка на тоа граѓаните не добиваат ништо.
Автопатот Штип – Миладиновци е од огромно значење за развој на сите сектори во Источниот регион. Намалувањето на времето за патување кон Скопје и редуцирањето на трошоците за амортизација на возилата се важни елементи за враќање на парите кај граѓаните – парола со која СДСМ манипулираше со гласачите за време на изборите. И наместо штипјани за кратко време и за малку пари да патуваат во Скопје, власта „си игра“ со трпението на народот, за дневни политички поени и задолжувања на „грбот“ на граѓаните.
Затоа, им порачуваме на СДСМ, да не го продолжуваат времето за сечење лента – граѓаните не забораваат кој се грижеше за напредокот на државата и подобрување на животот на граѓаните во Штип и регионот, туку во најкраток рок да обезбеди „Живот за сите“, па дури и за обичните граѓани од Штип и Источниот регион!


