И покрај упорното брзање за што е можно побрзо одржување на т.н. корона избори кои што се случија на 15 јули, на актуелната власт не и се брза многу во работата на парламентот како и на владата.
Аргументите на Зоран Заев дека е потребно што е можно побрзо да се одржат изборите за да може да се конституира новата власт за да се справува со актуелната криза паѓаат во вода и после неполн месец од одржувањето на изборите јавноста не може да види никакви мерки кои што им одат во прилог на граѓаните.
Состојбата на забавување на процедурите е генерирана уште во собранието каде што коалиционите партнери од власта се уште не можат да се договорат околу поделбата на комисиите во парламентот.
Денеска одговарајќи на новинарско прашање координаторот на пратеничката група на Коалицијата за Обнова на Македонија Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ ја лоцираше одговорноста за ваквото доцнење на процедурите во собранието.
Прашање: „До каде сте со формирањето на комисиите во Собрание, дали вие веќе дадовте предлози од вашата партија?
Никола Мицевски- oдговор:
“Ова е прашање кое што е актуелно веќе неколку денови и веќе имаме одговарано на оваа тема, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена го даде својот дел од предлозите за комисиите и работните тела во Собранието. Кој е проблемот и застојот и каде има проблем владејачкото мнозинство за договор помеѓу нив кој која комисија да ја води и на кој начин да функционираат ќе побарате одговор од нив. Очекувам да биде закажана комисијата за избори и именувања на која што се дава еден заеднички консензуален предлог за сите членови во сите работни тела. Врз основа на бројот на освоени мандати секоја политичка партија предлага и се знае колку точно членови има во секоја комисија. Очекувам дека ќе ги задржиме комисиите кои што ги раководевме во претходниот мандат, а освен комисијата за избори и именувања која што во зависност од бројките кои што беа постигнати на овие избори има мала измена и сега ја раководи СДСМ”