На 29 и 30 јуни во Прилеп и на Рудина (кај Долнени) ќе се одржи 44 издание на Меѓународниот фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, каде оваа година се очекува да учествуваат околу 250 изведувачи на изворен мелос од цела Македонија.
Фестивалот официјално ќе биде отворен на 29 јуни на бината на плоштадот „Александрија“ во Прилеп. По отворањето ќе настапат изведувачи на изворни инструменти ( гајда, тапан, кавал, кемане) и на изворни песни од југозападниот дел на Македонија.
В сабота, на 30 јуни, на Рудина кај Долнени ќе настапат изведувачи од целата земја. Фестивалот ќе ги прогласи и ќе ги награди најдобрите изведувачи, ќе ги додели и Гран при наградата за најдобар целосен настап и гајдата на „Пеце Атанасовски“ за најдобриот гајдаџија, што ја доделува Општина Долнени.
Навистина имаме огромен интерес и многу талентирани изведувачи на изворни инструменти и песни од сите краишта на земјава. Нашиот фолклор е вистинско богатство. Талентираните народни музичари ги има од сите генерации, од најмлади до најстари. Секоја година, овој пат, ни е тешко да го направиме изборот. Очекуваме околу 250 учесници на Фестивалот и покрај намалените средства за оваа година,
-изјави етномузикологот Величковска.
А со нејзиниот став се надоврза и секретарот на фестивалот Лашкоски, кој додаде
Овој фестивал е единствен од ваков вид, кој повеќе од четири децении ги негува основните цели: зачувување и негување, како и пренесување на новите генерации на богатото, вековно, национално изворно творештво. Не ретко сме се соочувале со скромни услови и средства, но сме излегувале на крај без да се доведува во прашање реномето и високиот квалитет на изведувачите на изворниот мелос. Годинава, средствата од Министерството за култура се за 40 насто помали. Но, ние малку ќе ја збиеме програмата, ама квалитетот безусловно останува. Задоволство е да напоменам дека ја имаме и целосната поддршка на локалните самоуправи на Прилеп и на Долнени.