Градоначалник на Општина Делчево, Горан Трајковски,
Ве молам да одговорите кога ќе ја средите раскрсницата на булевар Македонија што ја сече улица Вера Јоциќ, односно кај фабриката Фротирка и Агенција за вработување? Кога ќе биде со нормален асфалт, без огромни дупки и безбедна за сообраќај како за возила, така и за пешаци?

Ако немате конкретен одговор за дата, заокружете еден од понудените одговори на тоа што уште се чека:
- Жртви од сообраќајна несреќа?
- Следни политички избори?
- Чудо да се случи?
Број 3 сигурно нема да се оствари зошто време е да се одморите од сите силни фалби колку сте дале, што сте донирале и да наредите раскрсницата да се санира! Најдете време да видите како изгледа раскрсницата во 15:00 часот секој работен ден!

Доста со китење со туѓи перја од проекти создадени многу години пред Вас и проекти реализирани од невладините организации. Дајте нови идеи, ама немате, затоа што имате ново-вработени аматери околу Вас и едни исти луѓе кои и порано не се покажале како успешни и креативни.


Работев во невладиниот сектор 10 години и без скромност ќе кажам дека дадов допринос за градот. Ако ништо друго, барем Пијанечко-Малешевска свадба е мој проект кој сеуште опстојува иако видно изменет од првичната идеја.
На семинарите и активности кои ги организирав имаше учесници од различни политички партии, различна возраст, различна националност и мислењето на сите се почитуваше, се во интерес за доброто на нашата општина и на регионот. Се создадоа неколку стратегии за развој, заштита на животна средина итн. Сето тоа многу години пред Вашиот мандат. А Вие? Што направивте? Реновирана фонтана со погрешно направени чешми? Букви на латиница? Тоа ли е проект? Немаше ли кој да Ве потсети дека ДЕЛЧЕВО е во Македонија, земјата од која потекнува кирилицата? Ако веќе требало да биде латиница, нека е на англиски јазик DELCHEVO. Соработував со поранешните градоначалници Илчо Илиев, Мирко Иванов, Горан Малешевски. Без разлика на партиска припадност, сите имаа сенс за значењето на невладините организации и за идеите од сите граѓани. Но, покрај активностите со невладините организации имаше и капитални инвестиции. За мене, број еден градоначалник како татко на градот секогаш ќе биде господинот Мирко Иванов. Никогаш не го слушнав да се фали каде и колку пари или пакети дал и инспирираше со отворена соработка и доверба. Човекот ќе остане легенда, токму поради тоа што беше човек и знаеше да процени што е добро и корисно за градот.
А Вие? Се расфрлувате и сликате со добрините што ги правите?!
На еден семинар запознав жена со прекрасна душа. Разменувавме коментари за обичаи поврзани со верски празници. Рече: „Јас во текот на цела година собирам пари и кога ќе дојде Бајрам, одам во ЕВН, ги замолувам да ми кажат кои фамилии се многу сиромашни и имаат долг и плаќам неколку сметки за струја. Не треба тие луѓе да знаат кој им помогнал…“
Е, тука е убавината на благословот за добрината.
Но, Вие немате таква доблест, нели, важно е да се собираат политички поени. Продолжете со делење пакети на неколку фамилии, тие ќе Ве запаметат по тоа, но јас сметав дека ќе бидете упорен во изнаоѓање на финансиски средства од владата за капитални инвестиции и асфалтирање на улиците во градот, така сите би Ве запамтиле.
Чудно е како некои луѓе се мислат за големи личности, а делата им се толку ситни, ситнички…
Приземјете се… Ќе помине и вашето време… Искористе го тоа што остана и работете сериозно. Поправете ги улиците, направете нешто за младите, помогнете на постарите, измислете нешто, не чекајте од други.
Искрено, жал ми е што го дадов мојот глас за Вас.
Cheers, до некои подобри денови.
Интегрален текст на Тереза Филобок
Дипл. менаџер по туризам и угостителство објавен на фејсбук