Денеска на прес конференција пред просториите на Општина Штип од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја алармираа јавноста за лажните ветувања на СДСМ во врска со изградба и ставање во функција на гасоводот за штипјани.
Советникот во општинскиот совет во Штип од редот на ВМРО-ДПМНЕ Љубе Здравков укажа на манипулациите на челниците на власта од СДСМ во Штип на прес конференцијата која ја пренесуваме во целост во продолжение:
“Гасификацијата беше еден од најголемите капитални проекти на Владата на СДСМ, меѓутоа и пред крајот на мандатот, остана како нереализирана инвестиција. Градоначалникот на Штип, за секое споменување на гасификацијата, зборуваше како само што не протекол гасот, меѓутоа реалната состојба е сосема друга.
Иако веќе четири години веќе постои гасоводот Клечовце-Штип, сепак низ него нема гас. Ова може да ја оштети инфраструктурата и да создаде дополнителни трошоци при првото протекување на гас низ гасоводот. Тоа значи дека поради неодговорноста на власта, дополнително ќе се расфрлаат парите на граѓаните. Исто така, Македонија ја демне милионска казна од Европската енергетска заедница, или во превод, после толку години нефункционирање на гасоводниот систем, поради неспособноста на СДСМ, ние само ќе плаќаме!
Иако штипјани поверуваа на филуваната приказна за гасификација на градот, кое ќе го намали загадувањето и трошоците на компаниите, сепак вистината е дека и после завршување на мандатот, оваа приказна, нема да се претвори во реалност. Но, поучени од одвај пуштениот автопат Штип-Миладиновци, неколку годишниот застој на Клиничката болница, лошото темпо на реализација на патиштата кон Радовиш и Кочани, беа само увертира за неспроведената гасификација.
Манипулацијата на власта веќе стана толку провидна, што секој граѓанин сфаќа колку бил излажан од неспособната СДСМ!”


