Претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Штип Иван Јорданов ја информираше јавноста за гестот на советниците од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Штип.
Станува збор за личен гест на откажување од советничките паушали во интерес на донирање на овие финансиски сретства за борба против негативните последици од актуелната здравствена и финансиска криза поврзана со Ковит-19.
Во продолжение во целост го пренесуваме неговото соопштение:
“Почитувани сограѓани,
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија при Советот на Општина Штип, се откажува од својот советнички паушал и го пренаменува за справување со кризата настаната од корона вирусот. Во овие моменти кога владее глобална пандемија од невидлив непријател кој не бира ниту раса, пол, социјален статус или етничка припадност потребно е да подадеме рака и секој според можностите да даде свој допринос во справување со настанатата состојба. Ги повикуваме сите локални функционери да се откажат од бенефициите кои ги носи нивната функција (откажување од користење на службени автомобили, платени репрезентации, бонуси и дневници за прекувремена работа, откажување на примањата на дел од својата плата како и од додатоците на плата). Сега не е време за поделби и искрено се надеваме дека и тие со откажувањето од своите бенефиции ќе дадат свој придонес во разрешница на оваа криза. Ние сме претставници на народот и затоа граѓаните бараат и очекуваат од нас помош и решенија во овие тешки моменти.”