Дојде и тој ден. После долготрајната кома во која се наоѓаше главниот кловн во Циркусот на “Ката и Фата”, падна одлука дека кловнот над сите кловнови треба да биде исклучен од апаратите кои му даваа живот.
Џуџињата експресно одлучија дека оваа бескрајна агонија на тетеравење мора да прекине. Падна целата шарена шминка, паднаа монистрата, скапите чанти и скапата облека. Траор! Останаа спомените….
Истовремено на чинот на еутаназија на Специјалниот кловн публиката барем за миг можеше да ја види скриената какофонија во циркусот чија што вистинска природа во мал дел беше откриена пред очите на поширокиот аудиториум.
Мало парче од “трагедијата” на кловновите скриена зад циркуските завеси, беше изнесена пред лицето на публиката на јавна сцена.
Свесни за негативните последици од претрпената загуба на својот главен кловн, џуџињата во истиот момент веднаш се прегрупираа и почнаа да глумат ново сценарио, настојувајќи старата песна да ја пеат на нов начин.
Овие од публиката во првиот ред што со привилегии се шлепаат со гратиси од менаџментот на циркусот во претставата, први почнуваат да ракоплескаат на новите песни на старите џуџиња. Дежурни главоклимачи ги храбрат останатите дека така треба!
Играта на џуџињата продолжува да се пренесува во театарот. На целата збунка, дупнати балони со хелиум се пуштени во шаторот како маска на искинатите негови вијуги. Испуштениот хелиум во воздухот причинува “смеа за сите”. Збунети џуџињата што публиката реагира со смеа на нивната импровизација се соживуваат со новото сценарио и веќе почнуваат да прават простор на сцената за влез на новиот главен специјален кловн во циркусот на “Ката и Фата”.
До наредната епизода неизвесноста продолжува.
Пишува: Дедо Ѓорѓија
Името на авторот на овој текст е познато на редакцијата