Речиси секому се има случено да присуствува на парастос. Тоа е молитвен чин кој се служи за покој на душите на починатите во Православната Црква.
Моето искуство вели дека за време на овие помени, кои се одржуваат на гробиштата, се случуваат многу суеверни, неприлични и нехристијански работи. Некои се, во најмала рака, смешни. Се трудам, често да зборувам за овие аномалии, на самите помени,се разбира кога времето го дозволува тоа, ама сега сакам и да напишам за еден од тие „смешни“ обичаи.
Имено, кај мнозина од луѓето постои верување, погрешно се разбира, дека најблиските на починатиот, за време на поменот треба да стојат на источната страна, свртени кон запад, со цел „да ги гледал починатиот“! Апсурдно! Па луѓе мои, живееме во 21-от век! Зарем можеме да веруваме дека починатиот може да не гледа од гробот?! Секако дека не, ама, мнозина, без да размислат, ќе послушаат некоја баба, која се разбира знае повеќе од свештеникот бидејќи има завршено богословски науки, нели, и ќе застанат на таа страна од гробот. Жално е што некои не сакаат да го послушаат свештеникот и реагираат во стилот: „Попче, младо си, не знаеш, јас цел живот сум по гробишта …“!
На парастос, присутните треба да се помолат за прошка на гревовите на починатиот, а бидејќи ние православните се молиме свртени кон исток (нели и во храмовите стоиме свртени кон исток), и затоа, треба сите заедно со свештеникот да застанат така што ќе бидат свртени кон исток.


