По повод обвинувањата од страна на опозицијата дека Зоран и Вице Заеви имале комуникација со обвинетите од случајот “Рекет”, во јавноста со пишано соопштение се обрати Вице Заев кој соопшти дека е невистина дека се среќавал со овие обвинети лица.
“Ниту јас, Вице Заев, ниту било кој член од моето семејство нема поврзаност со случајот познат во јавноста како „Рекет“… Изнесените невистини дека сум се среќавал со лицата осомничени за овој случај, дека сум седел, дека ме имало на некои снимки ги демантирам, тоа не е точно. Обидите за мое инволвирање на било каков начин во валканата политичка кампања сметам дека е намерно, лажно и тенденциозно со единствена цел, да му се наштети на Зоран Заев и политиките кои ги спроведува.
Семејството Заеви, односно Зоран Заев е трн во окото за сите што се под контрола на Никола Груевски, избеганиот криминалец и кои не и мислат добро ниту на државата, ниту на граѓаните. Ја уништуваа 11 години нашата татковина и избегаа за да се соочат со одговорност. Затоа се шират лажни вести преку медиумите под нивна контрола, се шират измислици, секојдневно се пласираат тешки лаги, клевети, но и на прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ, не се бираат начини ниту средства да му се наштети на Зоран Заев и неговото семејство, “
–се вели во реакцијата на Вице Заев.


