На денешен ден 13 Јули во 1951 година во комунистичкиот логор на Голи Оток умира еден од Македонските револуционери кои го одбележале континуитетот на Македонското револуционерне дело од Илинденскиот и од АСНОМ-скиот париод. Панко Брашнаров (Брашнар како што го познавале неговите блиски) е современик на основањето на Тајната Македонска Внатрешна револуционерна организација, на Илинден, Младотурската Револуција, двете бајкански војни со кои е распарчена Македонија, Првата Светска војна, окупацијата на Кралството на СХС на Вардарска Македонија, Окупацијата на Вардарска Македонија од страна на Фашистичка Бугарија, револуционер во НОВ, Првиот Претседавач со АСНОМ… Панко Брашнаров е икона на Македонската револуционерна борба цели 5 децении.
Токму затоа паднала одлука тој како највозрасен член да го отвори Првото заседание на АСНОМ каде беа удрени темелите на Македонската современа независна држава. Тој бил олицетворение на тешката и долготрајна борба на Македонската револуционерна организација. Во неговиот кроток поглед и набраздено чело можеле да се прочитаат години на непрекината борба за слобода која ја водел Македонскиот народ на ова поднебје… Токму поради тој кроток поглед Македонското население гледале во Панко Брашнаров надеж, гледале искри кои влеваат сила и енергија да опстојат во борбата, се гледале себеси… го гледале тоа за што мечтаеле и сонувале цели генерации Македонци… гледале СЛОБОДА!
Панко Брашнаров е роден во Велес, на 9 август 1883 година.
До 2011 година не се знаеше каде е неговиот гроб. Екипа на новинари во рамки на своите истражувања го пронашле гробот на Панко Брашнаров на периферијата на градските гробишта во Загреб.
Неговите посмртни останки доживеале две ексхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи Оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е ексхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.
Откако беше објавено каде почива Брашнаров, беше најавено и враќање на неговите посмртни останки во Македонија. Но, тоа до денес не се случи.

Панко Брашнаров е есенцијата на Македонското револуциоинерно дело содржана во ликот и делото на овој народен човек, кој сакал само слобода за својот народ.
Во родниот град Велес е подигнат споменик посветен на Панко Брашнаров.

Споменикот е поставен e во новиот дел на градот Велес, на плато во непосредна близина на гарнизонот „Алексо Демниевски – Бауман“.
Со пропорционална фигура споменикот го отликува делото на големиот македонски револуционер и прв претседател на Президиумот на АСНОМ, Панко Брашнар. Споменикот поставен во 2004 година, е дело на академскиот скулптор Петар Хаџи Бошков. Изработен од блок од мермер, со постаментот споменикот е висок над 4 метри. Идејата на скулптурата е да покажува повеќе фази од животот и делото на Панко Брашнар.


