Дефиниција за секоја естетска вредност е убавината- и секоја убавина во овој суров свет со руинирани морални, етички и естетски вредност е всушност раритет. И токму затоа е добредојдена во овој профан, профитерски и расипан свет. Ние сме ковачи на сопствената среќа која треба да ја залемиме врз едно рѓосано минато. Низ такво ковање на зборот се роди новата збирка поезија “Генезис“, заокружување на трилогијата “Две љубови, еден живот“ и “Потрага„ на авторот Игор Христов.

Генезис претставува искра што низ тунелот на мракот ни го покажува патот кон светлината, кон ослободувањето, кон поубав и посреќен свет…
Игор во овие стихови го бара човекот насекаде, револуционерно дејствува не само во секојдневието, туку и во поезијата, носталгично повикувајќи се на историски апсурдни моменти, но на крајот констатира дека живее во едно сосема извртено општество кое ја има изгубено елементарната смисла и чувство за надеж и оптимизам, и дека само љубовта е вечна.
Професорката по македонски јазик, Кети Петрова викендов во Виница ја промовираше третата збирка поезија од авторот Игор Христов, а стихови од поезијата читаше самиот автор, како и Благица Стојанова. Збирката е испечатена во 444 примероци, а е посветена на неговите родители Гафа и Борис Христови.



