Денеска во текот на денот американската амбасадорка во Република Македонија Кејт Мари Брнс оствари работна средба со Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со потпретседателот на партијата Александар Николоски и Секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски.
На средбата која беше реализирана во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ беше разговарано за стратешките определби на партијата кои уште од времето на создавање на ВМРО-ДПМНЕ се тесно врзани со евро-атланските интеграции на Република Македонија.
Во продолжение го пренесуваме соопштението до јавноста упатено од страна на Христијан Мицкоски во врска со оваа средба:
“Заедно со потпретседателот Aleksandar Nikoloski и меѓународниот секретар Тимчо Муцунски / Timco Mucunski денеска остваривме средба со амбасадорката на САД во Република Македонија, Кејт Мари Брнз.
На средбата разговаравме за актуелните политички случувања во Македонија, стратешките определби и проблемите со кои се соочува државата и престојните парламентарни избори.
Потенцирав дека САД е стратешки партнер на Република Македонија и се заблагодарив за помошта која нашата држава ја добива од осамостојувањето до денес.
Истакнав дека членството во ЕУ ќе биде клучна стратешка определба на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и додадов дека партијата има визија и план како да ја стави државата на брза патека за исполнување на оваа цел.
На моите соговорници им посочив дека Република Македонија се соочува со сериозни проблеми на патот кон Европската Унија, а недостатокот на реформи и круцијални проблеми со криминалот и корупцијата се аргумент повеќе за противниците на проширувањето на Унијата. Напоменав дека постои голем број на нерешени корупциски афери во кои дел се дел високи партиски и државни функционери на СДСМ.
Воедно и се заблагодарив на амбасадорката Брнз за алатката за транспарентност и отчетност „Open finance“ која им овозможи на граѓаните увид во тоа како се трошеле и се трошат нивните пари, а овозоможи и разоткривање на низа злоупотреби од страна на државни функционери.
Во однос на престојните парламентарни избори, се согласивме дека фер и демократскиот изборен процес на кој граѓаните слободно ќе ја изразат својата волја ќе е клучен за иднината на Република Македонија.
Заеднички заклучивме дека односите помеѓу двете држави се на одлично ниво, и дека постои можност за натамошна соработка на полето на економијата, воената соработка и размената на знаења и искуства.”