Долгогодишниот хроничар на Делчево и Пијанецот, новинарот во пензија Васил Маневски по повод денешниот голем Македонски празник “Илинден” даде свој личен допринос во чествувањето на двата илиндени оној од 1903 и оној од 1944 година, со читање на свои литературни поеми пригодни на овој свечен ден.
Во изјава за нашиот портал г-динот Маневски зборуваше низ свое лично сеќавање на кој начин се празнувал Илинден во Делчево во минатото за разлика од сега кога манифестацијата од страна на институциите е сведена на полагање на свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев и споменикот на паднатите борци од НОБ во Втората Светска Војна и мала културно-уметничка програма во дворот на манастирот Св. Илија во Ѕвегор.
“Илинден се славеше како сенароден празник. Се славеше во сите села и во сите градови. Со културни манифестации, со фудбалски турнири, со концерти, со гостување на театарски ансамбли од други места барем во Делчево. Мошне скромно сега последниве години се одбележува, можеби како последица и на пандемијата која е во минатите две години.
Чинам дека поголем празник, посветол ден во историјата Македонска нема. Затоа ние како постари генерации треба да им всадуваме љубов и почит на младите, на учениците, на студентите, овој ден да биде возвишен, да биде славен и не само во Крушево, туку секаде кај што постојат Македонци и во земјата и во светот. “
-порача г-динот Васил Маневски за целокупната делчевска и поширока јавност.