Кога народот молчи, извесно е дека власта паѓа!
Ова непишано правило секогаш се покажало за точно пред промена на власта во Македонија.Секој граѓанин кој што барем малку е познавач на политичките состојби во државата е свесен за силината и жестината на институционалните механизми за притисок, поткуп, злоупотреба и манипулација врз волјата на граѓаните насекаде низ државата.
И да бидам плуралистички коректен ваквите механизми за влијание не бираат ниту пол, ниту возрасна граница, ниту пак верска определба. Сите сме во исто лонче.
Разликата е само во тоа кој е нашиот одговор на ваквите недемократски и би рекол нечовечки методи за угнетување на слободната волја на нашиот народ.Колку зависноста на граѓаните од институциите на државата е поголема толку поголеми се можностите за вршење репресија врз нивната слободна волја за избор. Во такви случаи било каков избор е всушност спроведување на волјата на тој другиот што преку злоупотреба на јавни ресурси ја наметнува својата волја врз поголема група на граѓани. Нема тука ни Д од демократија, ни С од слободно општество.Токму затоа актуелната власт на СДСМ+ДУИ+БЕСА потпомогнати од нивните сателити ДПА, ЛДП, НСДП, Демократски Сојуз на Павле Трајанов, ДОМ, ВМРО- Народна партија, Демократска партија на Турците на Македонија, Партија за движење на Турците, Партија на пензионери, Српска странка во Македонија и Зеќир Рамчиловиќ во Македонскиот парламент во изминатите 4 години го осиромаши во огромен процент Македонското население а со зголемените давачки кон државата (акциза за горива, електрична струја) тоа уште подраматично продолжува да го прави.
Во прилог на Зоран Заев и неговото репресивно однесување кон Македонските граѓани одат и актуелните градоначалници кои се под негова директна контрола а кои што на локално ниво ги практикуваат механизмите на репресија што им стојат на располагање. Злоупотребата на локалната моќ од страна на градоначалниците на СДСМ добива дури и посуптилни методи на влијание на локално ниво втемелени во меѓусебната роднинско-пријателска-бизнис-“на ти го- дај ми го” олигархија која што оперира под превезот на привидна слобода и божемна пазарна економија.
Оттука листата на репресирани граѓани е проширена до секое населено место и во најзафрлените места во државата. Таквите места можеби немаат свежа вода за пиење во нивните домови, можеби немаат канализација, асфалт, осветлување, интернет, телевизија…. Но го имаат својот локален сатрап кој што пред избори им доаѓа дома носејки ил трошки од она што го украле од маката на народот и им кажува како и за кого да гласаат. Не ретки се случаите кога локалниот сатрап и воопшто не им кажува на ваквите угнетени граѓани за кого да гласаат, туку тие “самите си знаат”. Важно е да стигне хуманитарното пакетче, но уште поважно е ветувањето за некоја уште поголема награда што го очекува ваквиот осиромашен граѓанин во иднина, по завршувањето на изборите, откако нели ќе победи партијата која со огромни почести го посетила во неговата трошна куќарка на “крајот од светот”. А таквите ветувања никако да стигнат. Имајки ги во предвид сите вакви појави со кои што актуелната власт ја добива “довербата” на граѓаните, во претстојниот период во мнозинство општини во Македонија, неминовен е падот на актуелните градоначалници и тоа од повеќе причини:-досега угнетените граѓани имаа можност на своја кожа да ги осетат механизмите на репресија на власта и да изградат тврд став дека вака повеќе не може напред;
-Излажаните граѓани со големи очекувања добиваат поголемо чувство за одмазда кон својот немезис, отколку што е ефектот на задоволство од придобивката која ја ветува градоначалникот која најверојатно нема да се реализира;
-Опседнатоста на градоначалникот со огромно чувство за мегаломанија и етаблирање на својот лик и дело пред лицето на историјата во многу нешта се разликува од суштинските потреби на граѓаните, и таа “летнатост во облаци” е пресудна за падот кој што им претстои.
Секако во канчето во кое што сите заедно се вариме, ги има и оние запршки кои што лично биле дотурени од лажичето на нивниот градоначалник. И таквите запршки понекогаш ќе загорчат, залутат или ќе ја пресолат чорбата…Но на крајот секогаш лончето ќе биде испрано а оние најнеподносливите остатоци ќе бидат пуштени во канализацијата.
Способноста на јавното мислење пред време да ги антиципира настаните понекогаш може да биде замаглена од сопствениот презир кон одредени појави.Но никогаш јавното мислење нема да ја изгуби својата способност да оцени дали треба да биде изманипулирано против своја волја.
И секако во една демократија волјата на мнозинството е таа што одлучува а малцинството не може да биде виновно за одлуките и правците на развој на општината/државата во наредните 4 години.
Пишува: Кирчо Анастасов


