Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со Потпретседателот Александар Николоски и Секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски денеска остварија работна средба со пратениците во европскиот парламент кои што се дел од политичката група “Обнова на Европа” Дачијан Чолош и Илхан Ќучук.
Средбата била искористена за потенцирање на огромниот проблем што го има Македонија со корупцијата на највисоко ниво во државата како и дефектното однесување на владините функционери во изминатите 3 години.
Во продолжение во целост го пренесуваме соопштението кое што Христијан Мицкоски го упати во јавноста во врска со оваа средба:
“Денес заедно со потпретседателот Aleksandar Nikoloski и меѓународниот секретар, Тимчо Муцунски / Timco Mucunski остваривме средба со европратениците од политичката група „Обнова на Европа“ Дачијан Чолош и Илхан Ќучук.
На средбата разговаравме за актуелните политички случувања во државата, проблемите со кои се соочува Република Македонија на патот кон ЕУ и нашата европска перспектива.
Истакнав дека најсериозен проблем со кој се соочува нашата држава е високата корупција, притоа посочив низа на нерасчистени корупциски афери и скандали во кои се вмешани високи функционери на владеачката партија СДСМ, што пак претставува аргумент повеќе за противниците на проширувањето на Унијата.
Им напоменав за насилното носење на Законот за јавно обвинителство кој треба да послужи за амнестија на криминалот на власта изминативе три години.
Се согласивме дека Македонија нема друга алтернатива освен членството во ЕУ.
Потенцирав дека по изборите на 12ти април новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се занимава со суштински реформи на полето на правосудството и има план како да ја стави нашата држава на брзата трака за членство во Европската Унија.
Се согласивме дека фер и демократски изборен процес е клучен за иднината на државата и дека од особена важност е граѓаните слободно да можат да ја изразат својата волја.”


