Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Лозово преку социјалните мрежи упатија своја реакција во јавноста во врска со реализацијата на проект за поставување на урбана опрема – Пинг понг маси на територија на општина Лозово. Реакцијата на опозициската партија следува по неколку неразјаснети и сомнителни информации кои се присутни во јавноста околу реализацијата на самиот проект.
“Дали општина Лозово се сака со срце, или со провизија?”
-прашуваат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Лозово во контекст на пропагандата која што Градоначалникот на Лозово Ацо Велковски ја објавил со цел за објавување на почетокот на реализацијата на проектот на 20.02.2021 година на својата фејсбук страница.
Притоа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека
“Општина Лозово склучила соговор вреден 1.236.054,72 денари, односно повеќе од 20.000 евра за поставување на пинг понг маси.
Повеќе од 5.000 евра за две пинг понг маси, односно повеќе од 20.000 евра за осум пинг понг маси!
Со 5.000 евра може да се подигне цела куќа (карабина), а нашата општина толку ќе плати за неколку кубика бетон!”
Понатаму во својата реакција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Лозово упатуваат повеќе прашања до локалните власти во врска со овој проект за кои што сметаат дека јавноста заслужува одговор:
“Зошто три пати е распишан истиот оглас? Зошто првите два огласа се поништени? Зошто не е спроведена електронска аукција? Во договорот стои дека работите треба да се завршат најдоцна до 25.01.2021, а од објавата на градоначалникот може да се утврди дека работите се започнати на 20.02.2021. Дали има направено анекс на договор за оваа набавка? Доколку има анекс на договор, дали е зголемена вредноста на договорот?Бидејки пред очи на граѓаните се одвиваа сите градежни работи, оставаме тие сами да го проценат следново:Дали имаше машинско чистење, валирање и порамнување на терен кое според договорот вреди 53.100 денари за едно село, односно 212.400 денари вкупно?
Дали во секое село има вградено тампон од 18,82 метри кубни, кој според договорот вреди 39.973 денари за едно село, односно 159.892 денари вкупно?Дали во секое населено место има вградено мрежеста арматура тешка 600 килограми, која според договорот вреди 42.480 денари за едно населено место, односно 169.920 денари вкупно?
Дали бетонските плочи во секое населено место се со армирана арматура со црн сјај и поцинкована лајсна, кои според договорот вредат ФАНТАСТИЧНИ 118.000 денари за едно населено место, односно 472.000 денари вкупно?
Дали во секое населено место има вградено две пинг понг маси – терацо плоча 274/152, кои според договорот вредат 23.600 денари за едно село, односно 94.400 денари вкупно?
Дали во секое населено место има вградено по две клупи, кои според договорот вредат 23.600 денари за едно населено место, односно 94.400 денари вкупно? Општината потпишала договор дека ќе плати повеќе од 1500 евра за само 8 клупи!Дали во секое населено место има вградено корпа за отпадоци, која според договорот вреди 3.540 денари за едно населено место, односно 14.160 денари вкупно?”


