Во октомври умираат само ангелите, денот на смртта на Тоше Проески, повод да се овековечи и четиригодишниот помен од смртта на најмилото, никогаш не прежалено, на сопственото дете.
Четиригодишната длабока тага и болка мораше да се излее некаде, за да се продолжи да се живее.
Учителката Драгица Стаменкова, тагата за прераната смрт на својата Симона одлучи преку стихови да ја сподели со своите најблиски, роднини, пријатели, школски другарки на Симона, и свои сограѓани. Стихови и раскази испишани низ солзи, но сепак добро стокмени во едно прекрасно дело со наслов “Сонцето рано зајде“ ……
“Ова беа последните зборови на моето чедо, мојата ќерка Симона. Дочекувајќи ја смртта рече “мајко отвори го прозорецот, за последен пат да го видам сонцето“. Збирката е напишана со преплетени чувства на неизмерна љубов, болка и тага по неа.
Бев немоќна да го спасам саканото чедо од една подмолна болест и покрај сите борби што ги водевме и кои ги доживеавме. Со пишувањето на збирката сакав да ги искажам моите чувства, за да можам и понатаму да продолжам да живеам“, рече авторот Драгица Стаменкова.
Зарем има нешто потешко од загубата на најмилото, но секоја чест на храброста на оваа мајка да смогне сили и ликот на нејзиното девојче да го овековечи во еден спомен, дело кое сепак останува да живее….
Промотор на книгата беше Кристина Харалампиева, а печатењето на книгата во 200 примероци е помогнато од ЈКП “Солидарност“, Бифе “Дисте“ , општина Виница како и од неколку приватни фирми во градот.