Почитувани,
Сѐмакедонскиот народен протест одржан на 25 Април 2021 година, помина во мирна и достоинствена атмосфера, како што доликува за македонскиот народ. Нешто повеќе од 20.000 Македонци од цела Македонија, излегоа на скопските улици под македонските знамиња, обединети како никогаш досега.
Организаторите, Македонците во светот, успеаја да го обединат целиот опозициски блок содржан од политички партии, организации и здруженија, но и многу разочарани гласачи на владеачката коалиција и политички определени. Со обединувањето, Македонците докажаа дека знаат и умеат да работат заедно кога станува збор за доброто на Македонија.
По повод четиригодишнината од кревањето на македонскиот народ против државниот удар од страна на власта во Собранието на Р. Македонија на 27 април 2017-та година, македонскиот народ повторно се собра во знак на револт за неправедно осудените браќа токму од тој ден.
Со интонирањето на албанската химна во Собранието на Р. Македонија и со нелегалниот и насилен избор за претседател на Собранието, власта го прекрши Уставот и Деловникот на Собранието на Р. Македонија. Искористувајќи го патриотизмот и емоционалниот набој на толпата, вратите на Собранието беа отворени, при што по целиот процес потоа, настрадаа патриотите кои што ја бранеа македонската држава. Во ниту еден момент, оние кои што ги отворија вратите од Собранието, не подлегнаа на никаква одговорност пред законите на Р. Македонија. Исценираното дело, резултираше само со небулозна пресуда за уставобранителите за извршување на кривично дело: Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик, по нарачка од власта.
Од тогаш до сега, иселениците работат активно за помош, поддршка и правда за неправедно осудените уставобранители и нивните семејства.
Имено, денеска пред народот се читаше и декларацијата на Македонците од светот, која ќе биде доставена до: Претседателот на Република Македонија, Собранието и Владата, политичките партии, здруженија и верските заедници во Македонија, како и до македонските заедници и организации во светот: Обединетите Нации, Советот на Европа, Европската Унија, НАТО, ОБСЕ, но и до странските амбасади и мисии во Македонија. Во декларацијата се бара праведно судство и независно јавно обвинителство, кои што ќе бидат ослободени од партиски влијанија и притисоци, а не да бидат злосторничко здружени со Владата против човековите права и слободи и правниот поредок на државата. Исто така, во неа се бара и одговорност за сите судии и јавни обвинители за нестручното и несовесно вршење на функцијата.
Поддршката од македонските иселеници во ниту еден момент нема да изостане, сѐ додека уставобранителите не ја добијат заслужената правда од судот.
Денешниот протест е првиот чекор кон сѐмакедонско заедничко дејствување на македонскиот народ, партиите и здруженијата. Активностите нема да престанат сѐ до паѓањето на оваа антимакедонска Влада.
Од организаторите,
Македонците во светот


