Може ли да постои Собрание, без да постојат пратеници? Нормално дека не може, бидејќи тоа би било исто како да постои одделение без ученици; чета без војници или јато пауни без пауни. Може ли да постојат непратеници, ако добиваат плати за пратеници? Нормално не може, бидејќи тоа би било исто како некој да добива учителска плата без да биде учител; да добива пензија без да биде пензионер или некој да добива плата како вработен службеник, без да биде вработен службеник. Оттука, ако постојат пратеници, тогаш постои и Собрание, бидејќи не се можни пратеници без постоење на Собрание. Меѓутоа, ако никој не добива плата како пратеник – бидејќи Собранието се самораспуштило – тогаш пратеници не постојат и нелогично е да се добива плата за пратеник, туку (евентуално) апанажа. Апанажа, колку што знам, распуштените пратеници (кои, сепак, се пратеници) не добиваат, туку и понатаму добиваат плата, како да се пратеници, макар што ништо не работат. Исто така, како можат да бидат пратеници без да постои активно Собрание? Постојат уште многу „или“ и многу „меѓутоа“, но и овие се доволни Накусо, или нека се откажат од функцијата пратеник, а тоа значи и од пратеничката плата, или ако не се откажуваат, тогаш нека работат, наместо да безделничат.
Знам, ќе се најдат паметни (такви има секогаш) и ќе објаснат дека ситуацијата не е толку едноставна како што вели логиката. Поинаку било со Уставот и законите. Ако е така, тогаш тешко на онаа стварност и на оние закони/устави, кои живеат/постојат наспроти логиката. Ако, пак, некои одговорот го побараат во недореченоста на Уставот и на легислативата, тогаш што се правело и што се чекало досега?