Млади за Македонија попладнево започнаа своја онлајн граѓанска петиција против покачувањето на струјата како и за намалување на Данокот на додадена вредност на 5% од постојната даночна стапка од 18% на цената на електричната енергија.
Оваа иницијатива е мотивирана од револтот, вознемираноста, бесот и загриженоста на Македонскиот народ што во време на огромна финансиска криза со несогледливи последици, надлежните власти носат одлука за зголемување на цената на струјата за дополнителни 7,4% со што директно се удира по стандардот на граѓаните.
Во продолжение го пренесуваме прокламираниот текст во прилог на самата електронска петиција:
“До
Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија
Собранието на Република Македонија
Министерството за економија на Република Македонија
Владата на Република Македонија
Претседателот на Република Македонија
Ние, граѓаните на Република Македонија,
Револтирани од покачувањето на цената на електричната енергија за домаќинствата за 7,4%,
Вознемирени од последиците од покачувањето на цената на електричната енергија врз цените на производите и услугите во Република Македонија,
Бесни поради континуираното осиромашување на народот и државата од страна на странските монополи,
Загрижени за нашите сограѓани кои поради актуелната пандемија нема да можат да ги покријат своите сметки за електрична енергија и поскапите намирници,
Имајќи ги во предвид платите во Република Македонија, кои се едни од најниските во Европа,
Со надеж дека ќе го подобриме животниот стандард на народот,
Ја покренуваме оваа електронска Граѓанска иницијатива и бараме:
1. Итно укинување на одлуката на Регулаторната комисија од 31.07.2020 за покачувањето на цената на електричната енергија за домаќинствата за 7,4%,
2. Намалување на данокот на додадена вредност за електричната енергија за домаќинствата од сегашните 18% на 5%,
3. Укинување на висиката тарифа на цената на електричната енергија,
4. Формирање на засебен фонд за покривање на сметките на лицата со финансиски потешкотии, кој фонд ќе биде финасиран од профитот на “универзалниот снабдувач со електрична енергија” ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје
5. Законско решение за загарантиран откуп на електричната енергија од фотоволтаици произведена од домаќинствата и нејзин откуп во сооднос 1:1 “


