По многубројните реакции на жителите на општина Лозово кои што претрпеа големи штети во тек на неодамнешното невреме вклучително и на водоснабдителните канали за земјоделското земјиште градоначалникот на општина Лозово Бошко Цветковски упати апел до надлежните за обезбедување на вода за водоснабдување на земјоделските површини од што егзистираат граѓаните.
Апелот на градоначалникот Цветковски е упатен до најповиканите во АД “Водостопанство” Скопје – подружница “Брегалница” Кочани, истакнувајки ја огромната потреба на жителите на Лозово чија што егзистенција зависи од оваа вода. Дополнително градоначалникот Цветковски предупредува дека незадоволството од исполнување на обврските на надлежните во ова владино претпријатие, кон граѓаните може да прерасне во граѓански протести.
“Почитувани,
Сведоци сме дека во изминатиот период, Општина Лозово беше во неколку наврати погодена од силно невреме кое предизвика сериозни штети,како на земјоделските култури,така и на движниот и недвижен имот на голем број граѓани.
Со цел да биде спасено барем она малку што остана и да не се доведе во прашање егзистенцијата на земјоделците, побаравме и писмено од надлежните институции да обезбедат итно и неодложно вода за наводнување на земјоделските површини во сите населени места на територија на Општина Лозово!
Поучени од она што се случуваше во изминатите години каде и по неколку месеци во клучните периоди за земјоделските култури во годината, општина Лозово се оставаше без вода за наводнување, ЈАВНО,ЈАСНО и ГЛАСНО ќе кажам:
Ги повикувам надлежните институции пред се на човечност и разбирање за граѓаните од нашата општина
Доколку не одговорат на нашите барања, Јас како Градоначалник во периодот што следи, ќе застанам рамо до рамо со граѓаните на протест
п.с. Секогаш во животот е важно на чија страна си застанал во тешките моменти!!
Мојата е НАРОДОТ“
-соопшти градоначалникот на општина Лозово Бошко Цветковски.