Континуитетот на Македонското изворно социјалистичко движење се чини е во длабока егзистенцијална криза. Толку длабока што во 2020 година можам да кажам дека истото е сведено на ниво на догма, теоретска пракса која се артикулира во многу мал ограничен круг на поединци кои гравитираат претежно околу наставно- научните институции и крајно проретчените граѓански организации кои негуваат социјалистички вид на активизам.
Пред само неколку години ваквата бледа слика на социјалистичкото движење во Република Македонија беше релативно поразлична и како ударна каписла за коренити промени кои се наѕираа дека ќе се случуваат како нужна потреба во тогашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.
Бранот на Шарената револуција беше покренат токму врз основа на некои од основните принципи на социјалистичкото делување и активизам, како одговор на немањето на капацитет во редовите на тогашната владеачка гарнитура на чело со Никола Груевски да продре во суштината на проблемите на Македонските граѓани чие што решение лежи во социјалистичката теорија развивана повеќе од еден век пред тоа.
И токму на бранот на таа базична социјалистичка идеја која тлееше до 2015 година помеѓу тогаш се повеќе растечкото незадоволство на оваа групација на активисти, се накалеми политичката криза од страна на тогашната опозиција предводена од Зоран Заев и СДСМ. Политичкиот Франкенштајн кој го поизведе оваа политичка криза пополека почна да ги јаде автентичните социјалистички револуционери, кои измамени од безмилосниот поход за гола власт и моќ од страна на Зоран Заев, попаѓаа покосени пред идеалите за кои веруваа и се бореа речиси 5-6 години пред тоа. Кога политичкиот хермафродит беше устоличен во врвот на власта на сите нивоа во државата, веќе беше доцна за да се реагира и реафирмираат целите на политичката моќ во институциите на државата кои имаа далеку спротивставени идеи за практикување на власта од оние првобитните за кои беа иницирани промените на самата власт на ВМРО-ДПМНЕ.
Со доаѓањето на власт од страна на СДСМ започна спроведување на широк сет на екстремно-популистички мерки кои само теориски во себе ги содржеа термините и вредностите на социјализмот и тоа во неговата највулгарна и најопасна варијанта- чиновништвото и бирократијата.
Дури и сетот на мерки во сферата на трудот и социјалната политика кои што требаше да имаат доминантен одраз во животот за граѓаните и значење за власта на Зоран Заев преку неговиот најизвикан играч, министерката Мила Царовска, беа осудени на предвремено догорување во ерата на сеприсутната корупција и партизација на администрацијата како од времето пред распадот на Југославија . Партизираната администрација за многу кратко време се претвори во бирократија и тоа во нејзината највулгарна форма а судско-обвинителските органи одвај чекаа да се вратат на колосекот од периодот пред 1991 година.
Не се ретки воопшто случаите кога граѓаните на општините насекаде во државата судрени со неспособноста на раководните структури на СДСМ кренаа раце од своите долгогодишни напластени проблеми низ институциите, без било каква надеж дека бргу состојбата ќе се промени.
Максимата “Отворени општини за сите граѓани” се претвори во “Бескрајни лавиринти на талкање низ институциите” додека во удобните фотелји купени со парите на граѓаните си седнуваа партиски профилирани кадри низ кујните на СДСМ. Во последно време се позагрижувачки се информациите дека почнало и фотелји и бироа да снемува низ институциите за сите нововработени партиски кадри, па луѓето мораат да импровизираат со работните услови на работните места.
Каков крај! Каков само тресок! ТРАС-ТРАС!
На една голема идеја во нејзината изворна форма за еднаквост за сите пред лицето на правото и правдата. Ја снема еднаквост меѓу богатите и сиромашните, Македонците, Албанците, Ромите, Турците, Србите… Џедаите….Клингонците… Баш напротив нееднаквоста остана и дополнително уште повеќе се продлабочи/ува. Декларативните пораки од власта и Зоран Заев се дека “Сите се еднакви”, но во пракса партиските кадри на СДСМ се поеднакви од сите останати кои не размислуваат со главата на лидерот.
Обидот за убиство на оваа благородна социјалистичка идеја за еднаквост е направено.
Џелатот е капиталистот Заев. и сите негови финансиски мотивирани сатрапи.
Денеска беше Осми Март. Еден од светски признаените празници на споменот на една благородна идеја за еднаквост меѓу мажите и жените, базирана токму на тие социјалистички принципи.
Но во Македонија денеска ги немаше да маршираат Клара Цеткин и Розалија Луксембург.
Македонските (лажни) Цеткин и Луксембург се потонати во своето богатство во удобните фотелји на Илинденска број 1 и чекаат дождот да престане, за пак да никнат како печурки при првото сонце.
Нека е вечен споменот на еднаквоста! Нека нашите дела живеат во духот на борбата која пред лицето на светот ја изнесоа сите знајни и незнајни жени-борци за еднаквост на сите нееднакви!
Нека е честит Осми Март на сите Мајки, Сестри, Жени…. Светот е посилен кога тие се силни и среќни.
Автор: Кирчо Анастасов


