Во предвечерие на составувањето на новата Влада за која што мандатот го доби Зоран Заев, партиските табори од власта и опозицијата се позиционираат за политичко делување во претстојниот период.
Од СДСМ во свое партиско соопштение соопштуваат дека акцентот на делувањето на идната влада предводена од Зоран Заев ќе биде ставен врз економскиот раст и развој за Македонските граѓани.
Ваквата цел Зоран Заев планира да ја постигне со одговорни, чесни, отчетни и професионални кадри.
“Новата Влада предводена од СДСМ и претседателот Зоран Заев, составена од одговорни, чесни, отчетни и професионални кадри, во наредниот полн, четиригодишен мандат, посветено ќе работи на реализација на зацртаните програми, а пред се на економскиот раст и развој.
На прво место на агендата на новата влада е новата развојна македонска економија, која ќе обезбеди јакнење на стандардот на сите граѓаните.
Во наредните четири години ќе продолжи растот на платите, вложувањата во нови работни места, континуираната поддршка на домашниот приватен сектор и привлекување на странски инвестиции.”
-соопштуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ наголемо ги критикуваат персоналните решенија кои се планирани да се постројат пред главните скали на Собранието за фотографија од новата влада која ќе добие 4 годишен мандат за работење.
“Македонија со Заев добива влада со стари и истрошени кадри со кои ќе продолжат економските неуспеси. Истите тие ликови ветуваа, а не исполнија ништо и од програмата од минатите избори. Нема 500 евра просечна плата, нема 600 километри автопат, нема нов клинички центар, нема студенстки градови во Скопје, Штип, Тетово и Битола, нема странски инвестиции, ниту Гугл, ниту Фејсбук, ниту Фолксваген, ама создадоа нов долг од 1 милијарда евра за само три месеци со што го задолжија секое просечно семејство за нови 2.000 евра. Патем потрошија најголеми буџети во историјата на Македонија, а растот на економијата беше најнизок во регионот и Европа.
Оваа старо нова тендерашка влада на Заев ја направи Македонија најкорумпирана држава во Европа според Транспаренси Интернешнл во која 500 илјади луѓе живеат во сиромаштија, а околу 80% од младите сакаат да си заминат во странство.
Со Заев и ваквите истрошени кадри нема економска и европска перспектива. Напротив со нив секојдневие е рекетот, криминалот и корупцијата. Луј Витон торбите полни со милиони евра се нивниот приоритет. Тоа е она кое што може еден аболициран криминалец како Заев да го понуди на Македонија.”
-реагираа од ВМРО-ДПМНЕ во врска со соопштението на СДСМ.


