По повод одбележувањето на Денот на Македонската револуционерна борба Драган Ковачки упати своја порака во јавност,
Истата ја пренесуваме интегрално во продолжение:
“Во предвечерието на големиот македонски празник, сакам да потсетам на двигателот, односно на инспирацијата на која почива македонската револуционерна борба. Велам дека сé уште почива, затоа што таа борба не е завршена.
Борбата е сменета во облик, но сепак не е завршена. Инспирацијата за борбата е Македонија, слободна и независна, оти само таква Македонија гарантира траен мир на Балканот. Траен мир кој е гарантиран со прифаќање од страна на сите фактори дека Македонија е слободна и независна држава во која живеат Македонци кои се различни од Србите и од Бугарите. Прифаќање кое е основа на меѓусебното почитување, соработка и подобар живот за граѓаните на овие простори.Многувековната идеја за слободна и независна Македонија што беше стремеж на револуционерите кои веќе не со нас е остварена. За жал, како и низ историјата, така и денеска, македонската самобитност и посебност директно се нападнати од страна на надворешни фактори. И тие напади не би биле толку опасни кога би доаѓале само од надвор и кога ние Македонците би биле обединети.
Поделбата е најдобриот сојузник на секој злонамерник, а нападите најдоа внатрешна поткрепа во мала група петоколанаши кои немаат ништо свето и на кои личниот интерес и профит им е во прв план. Нашата генерација Македонци е должна да изнајде сила да ги запре тие трансгресори и да ја зачува идејата и придобивката – слободна и независна Македонија. Во спротивно, ќе бидеме проколнати од чедата кои ќе останат бездомни во својот дом.
Среќен празник, да живее револуционерното дело, да живее Организацијата, да живее борбата за Македонија!”


