Проектирана на 8.000 војници, професионална и ефикасна армија по НАТО стандарди, активна во странски мировни мисиии, посветена на безбедноста, денес Армијата на Република Македонија (АРМ) е повеќе вооружена со силен ентузијазам, отколку со софистицирана опрема и техника, како и услови за работа. АРМ денес е бледа сенка на армијата од почетокот на 20 век. Со исклучок на Косово и на Црна Гора, Македонија денес има најслаба армија од државите од бивша Југославија и во соседството. Доколку во минатото служењето на воен рок, како и работењето во армијата беше прашање на чест и на гордост, денес тоа не е така. Професијата војник и офицер за жал денс во Македонија не е доволно почитувана ниту е вреднувана. Она што е интересно е дека АРМ досега беше единствената институција која според анкетите со години ужива највисока доверба меѓу граѓаните.
АРМ денес е далеку од армија по НАТО стандарди, или армија според стандардите и барањата на 21 век. Опременоста како и борбената готовност на македонската армија е на ниско ниво во споредба со минатото. На различните воени вежби и во Македонија а и во странство, може да се забележи дека нашите војници и воени единици не се опремени како што доликува, и дека по личната опрема далеку заостануваме од опременоста на другите НАТО држави. Исто така, може да се забележи дека нашите војници носат различни униформи, различни чизми, и дека користат борбени елеци кои што не одговараат на маскирните униформи. Јавна тајна е дека и обученоста на голем дел од единиците на нашата армија е на ниско ниво, и дека истата постојано опаѓа.
Но зошто ситуацијата е таква? Состојбата во армијата е последица на неинвестирањето во последните 14 години, и ставањето на армијата во втор план, за сметка на Министерството за внатрешни работи. Она што е интересно е дека Македонија од 2004 година до денес трошеше околу 1,4% од БДП, што е далеку под барањата на НАТО за трошење на 2% од БДП за потребите на одбраната. Ситуацијата ја влошуваше и фактот дека со секој ребаланс на буџетот, се кратеа средства и од така сиромашниот буџет за АРМ. Македонија се до 2021 година не исполнуваше уште еден НАТО услов, а тоа е трошење на 25% од буџетот за набавка на нова борбена опрема и оружје, и за модернизација на старата. Во 2021 година Македонија за одбраната ќе потроши 1,57% од БДП. Во 2021 година Македонија за прв пат во ќе издвои повеќе од 20% од буџетот на одбраната за набавка на нова воена опрема и техника.
Иако на хартија во АРМ има 8 000 активен персонал (војници, офицери + цивилни лица), во реалноста таа бројка е пониска. Иако АРМ од 2007 година е професионална армија, сепак условите за работа како и платите во АРМ се далеку од идеални. Голем број на професионални војници и офицери со години ја напуштаат АРМ и заминуваат во странство во потрага по парче леб, и на тој начин АРМ губи квалитетен кадар кој што е тешко бргу да го замени. Алармантна е ситуацијата со офицерскиот кадар и со професионалните војници од специјалните единици. Во последните десеттина години офицерскиот кадар е десеткуван, како резултат на мешањето на политиката во армијата, вработувањата според Охридскиот рамковен договор, и лошите услови за работи. Како резултат на тоа, на последните конкурси за професионални војници се пријавуваа минимален број на кандидати, и најголем дел од нив беа партиски кандидати. Иако со години на професионалните војници и офицери им беше ветувано решавање на станбеното прашање, истото до ден денес не е решено.
Иако АРМ располага со солиден број на воена опрема и техника, денес АРМ располага со техника која е во очајна состојба, и околу 30% од борбената техника е во исправна состојба, а ситуацијата е особено критична со оклопните борбени возила, артилериските системи, против воздушната одбрана како и со хеликоптерите. Критична е ситуацијата со борбената опрема, пред се борбените оклопни возила, оклопните транспортери, артилериските системи и средствата за врска во Првата пешадиска бригада. Бригадата располага со различни видови на борбени и оклопни возила, кои што се во лоша техничка состојба, и кои што се на крајот на својот животен циклус. Се работи за возилата од типот БМП-2, БТР-70, Т-170 Хермелин, како и артилериските системи БМ-21 Град, М-63 Пламен, М2А1, минофрлачите М43 120 мм и М52UB 120 мм. Просечната старост на борбените возила и на артилериските системи е над 40 години. Критична е и ситуацијата и со тенковскиот баталјон кој што располага со 31 тенк Т-72, од кои што само мал дел од нив се исправни. Просечната старост на тенковите е повеќе од 40 години.
Критична е ситуацијата и во ПВО батеријата, која што располага со стари ПВО системи од краток дострел 9К35 Стрела-10 како и 9К38 Игла и 9К32 Стрела-2. АРМ не располага со модерни и моќни радарски системи. Критична е и ситуацијата во хеликоптерскиот сквадрон на АРМ, кој што до пред 10 години важеше за најмоќен и најмодерен хеликоптерски сквадрон од земјите од бивша Југославија. Денес најголем дел од хеликоптерите се приземјени и не летаат, поради истек на ресурсите и неспроведувањето на ремонт. Македонија со помош на Израел, и на израелската компанија Elbit Systems Ltd пред околу 15 години спроведе напредна модернизација на хеликоптерите Ми-24В и Ми-17. После модернизацијата Ми-24В го добија името Ми-24 Букефал. Elbit Systems Ltd во Македонија на скопскиот аеродром изгради модерен центар за обука за пилоти.
Иако според стратешките документи на Министерството за одбрана и особено според Долгосрочниот план за развој на одбранбените способности 2019-2028 е предвидено набавка на нови одбранбени системи, оружје, технологија, сепак модернизацијата и набавката на армијата постојано се одложуваше. Како резултат на тоа Почнувајќи од 2020 година АРМ започна со амбициозен план за модернизација и набавка на нова и современа воена опрема пред се од САД и од Турција.
Но повеќе за тоа во наредната статија.
Пишува: Дарко Тодоровски
Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар