Војната во Украина стана катализатор за решавање на отворените прашања на Балканот. Од Бугарија па до Босна и Херцеговина во тек се внатрешни превирања и ескалации, како резултат на притисокот од Западот. Геополитиката повторно изби во прв план на Балканот и Западот по секоја цена сака да ги реши македонското и српското прашање, притоа не водејќи сметка за цената, која што Македонија и Србија би ја платиле. Но дали решавањето на истите тие прашања на штета на Македонија и Србија ќе доведе до долготраен мир на Балканот, или ќе ја отвори „Пандорината кутија“ и ќе доведе до ескалација на Балканот, ќе покаже времето.
Брдовитиот и преубав Балкан, познат и како „Буре барут“ повторно се наоѓа во турбулентна фаза која што може да доведе до ескалација и нестабилност. Еден погрешен чекор и искра е доволен за да го запали Балканот. Западот, и пред се САД, сакаат по секоја цена да ги решат отворените прашања на Балканот, и на тој начин да го стават регионот под своја контрола, и да спречат продор на влијанието на Русија, НР Кина и на Турција. За таа цел, САД и Велика Британија го зајакнуваат својот воен контингент на Косово, а Велика Британија испраќа воени инструктори во Босна и Херцеговина како дел од мисијата на EUFOR. Претходно, германскиот канцелар Шолц, изјави дека Германија после 10 години, повторно ќе испрати мировници во Босна и Херцеговина. Почнувајќи од почетокот на 2022 година, Западот постојано го зголемува своето воено присуство во Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и во Грција. И сетоа тоа не е случајно. Западот не бира средства за да го оствари својот план, и Балканот, односно „дворот на Европа“ да биде ставен под цврста контрола на Западот, пред претстојните преговори со Русија и НР Кина за поделба на сферите на влијание во светот.
Кога е во прашање Македонија, нема да навлегувам во суштината на францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија, или што тој значи за иднината на македонскиот народ и нација. Реакцијата и протестите на народот се најдобар показател за тоа, што народот мисли за предлогот. Изненадени од таквата реакција на народот, македонските власти и политичари кои што се лојални и сервилни на Западот, и „независниот“ невладин сектор се пласираат тези дека доколку не се прифати ултиматумот од Западот можни се етнички конфликти. Сето тоа е дел од психолошката игра против народот во Македонија, нешто слично на периодот пред Референдумот после Преспанскиот договор. На македонскиот народ постојано му се сервира истата приказна, само уште овој договор и отстапка, и почетокот на преговорите со ЕУ е обезбеден. 19 години иста приказна, и тапкање во место. Најверојатно сценарио во Македонија е пад на владата и предвремени избори, на кои што актуелната власт ќе биде испратена на буништето на историјата, и ќе остане во долга опозиција.
Властите на Србија, уште пред неколку години разбраа дека нема ништо од влегувањето во ЕУ, дека за Западен Балкан утешна награда е иницијативата „Отворен Балкан“, и поради тоа Србија се одлучи за свој пат, играње на три стола, со Западот, со Русија, и со НР Кина. Косово кој што е рак рана за Србија, Западот постојано го користи во кризни моменти, за да го зголеми притисокот врз официјален Белград. Но за разлика од властите во Македонија, властите во Србија нема да се откажат од Косово и од Република Српска, како и од Српската православна црква во Црна Гора и на Косово и Метохија. Во Србија во пораст е евроскептицизмот, и повеќе од 70% од населението веќе е против ЕУ. Србија се повеќе се дистанцира од Западот, а властите на Република Српска се погласно изјавуваат дека е дојдено времето за прогласување на независност. Според официјален Белград, Косово во октомври се спрема за ескалација на ситуацијата на северот на Косово против српското население, односно преку користење на сила да ги оствари своите цели. Белград изјави дека Србија тоа нема да го дозволи, и дека Србија е подготвена и воено да интервенира.
Западот не ги зема во предвид интересите на македонците и на србите на Балканот, и врши директен притисок врз властите на Македонија и Србија да го прифатат ултиматумот на Западот. Но Западот не разбира дека вакви прашања не можат да се решат на штета само на едната страна, и дека тоа води до нови проблеми и тензии во иднина. Историјата и таквите договори на Балканот многупати тоа го потврдиле. Падот на владата во Бугарија е показател за тоа, а и падот на владата во Македонија е неизбежен. Црна Гора исто е на прагот на нови избори. Од друга страна, Србија избра свој пат кој што е различен од тој на Западот, а Република Српска чека поволни геополитички ветрови за да прогласи независност. Косово колку и да се труди, ќе остане квази држава, и нема да биде примено во меѓународните институции. Геополитичките турбуленции во светот нема да го одминат Балканот, и ќе се одразат на ситуацијата на Балканот. Времето ќе покаже дали Западот ќе успее во планот кој што е стар неколку векови, да го стави целиот Балкан под своја контрола, или тој план ќе доживее фијаско.
Пишува: Дарко Тодоровски
Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар