Македонија после Зоран Заев!?
Добро прашање проткаено со чудење и недоумица!
Каде од тука натаму?
Остана ли уште нешто на што еден просечен Македонски граѓанин може да биде горд? Остана ли уште некоја причина зошто некој Македонец од некој помал град од периферијата на државата може да застане јавно пред поголема група на луѓе и да каже јасно и гласно:
-Јас ја сакам Македонија поради тоа и тоа….?
Баш напротив! Македонците се срамат од држава именувана како “северна”, од нејзините институции од нејзините политички функционери во институциите на државата која работи против нивните лични интереси.
Не може да биде здрав интерес на еден поединец социјалниот пакет кој го добива еднаш пред избори за да го даде својот глас на оние кои го подмитуваат со неговите сопствени пари.
Не може да биде добар јавен интерес на еден поединец кој ќе биде вработен во државна администрација за да биде платен за своето време и труд од неговите лични пари структурирани во буџетот на јавната институција само за да гласа за оној политичар кој го вработил. И тоа откако прво тој како поединец, неговото семејство, роднини и најблиски се осиромашени од исти такви политичари пред тоа.
Не може да има нормална демократска вредност газење на волјата на мнозинството граѓани во врска со универзалното човечко право да се нарекува себеси како Македонец.
За селективната правда која е уште поголема неправда, за безбедносните ризици кои постигнаа драматични последици во услови на глобална пандемија, за хаосот во здравството, за руината во земјоделскиот сектор, градежништвото, туризмот, угостителството… што да се каже? Секој граѓанин кој држи барем малку до својот интегритет, разум и чест може да донесе свој заклучок колку длабоко Македонија е потоната во калта.
Актуелното раководство на државата на чело со Зоран Заев ги има сите механизми на контрола и влијание. Наместо за просперитет на сите граѓани без исклучок, Заев примарно одбра истите да ги користи за бенефит на десетици поединци во врвот на СДСМ и бизнис олигархијата впрегната во системот за осиромашување на Македонскиот народ преку цицање на јавните ресурси, предводена од членови на семејството Заеви.
И тоа не е ништо ново за СДСМ. Ваквата пракса за оние повозрасните беше присутна и во времето на Бранко Црвенковски но во поумерени граници.
Сега лимит за безочниот грабеж нема на се што постои во државата но и она што не реално и не постои во моментот а ќе треба генерации после нас да го враќаат. Задолжувањето на јавниот долгдостигна драматични граници и државата е пред банкрот.
Овој банкрот ќе биде искористен за рестриктивни кратења во администрацијата, зголемување на границата за пензионирање, фактичка инфлација и пад на куповната моќ на денарот.
Во продавниците одамна се присутни производи со намалена грамажа и килажа кои се продаваат за иста цена како претходно. Ако едно чоколадо од 100 гр. порано се продаваше за 50 денари, до пред пандемијата истото чоколадо со истата амбалажа но со намалена грамажа од 90 гр повторно се продаваше за 50 денари. Оваа мерка за создавање на лажна перцепција која послужи за намалување на ценовниот шок кај Македонските граѓани сега веќе станува ирелевантна по негативните ефекти на пандемијата поради кои и оваа цена за намалена килажа на производите почна драстично да расте.
Граѓаните се сиромашни!
Тоа е факт кој олигарх како Зоран Заев не може да свати.
Што потоа?
Треба демократијата да го превземе приматот во државата наспроти тресокот на синџирите на едноумитето.
Треба мнозинството граѓани да да излезат на мегдан за да го демонстрираат својот демократски капацитет за промени кон подобро. Зошто вака повеќе не може.
Дали тоа ќе биде масовна излезеност на избори, дали ќе биде со интелектуален труд, дали ќе биде со работа во секој единечен сектор, дали ќе биде во кругот на семејството, или во дефинирање на приоритетно оптимални правци на остварување на сопствениот личен избор во контекст на силна и благопријатна државна власт која ќе работи за доброто на заедницата со вреднување на индивидуализмот, Македонија има сила да биде нормална и досадна држава во која животот ќе се квантифицира со уметност, научни подвизи, работни успеси и спортски херои.
Како после Зоран Заев?
-Чекор по чекор, стабилно, разумно и со огромна доза на љубов кон сопственото постоење како Македонски народ.
Пишува: Кирчо Анастасов


