Во продолжение ви го пренесуваме интегралниот текст од прес конференција за медиуми на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во кој од страна на опозицијата се обелоденуваат скандалозни постапки во кои може да се согледа непотистичко постапување од највисоки владини функционери за нивен личен интерес:
Пред само 2 дена обелоденивме дека Зоран Заев му потпишал согласност на Кочо Анѓушев за давање под долготраен закуп на градежно земјиште за изградба на хидроцентрала и тоа го потврдија од фирмата на Кочо Анѓушев.
Денеска обелоденуваме уште еден документ каде што Зоран Заев му потпишал согласност за потпишување договор за давање под долготраен закуп на градежно земјиште на фирмата на Кочо Анѓушев „МХЕ Тополки ДОО“ Скопје, за поставување на вод за приклучување за МХЕЦ Врановска река со напојна точка.
Одлуката е донесена истиот ден кога Зоран Заев му доделил на Кочо Анѓушев, неговиот заменик во владата, по пат на непосредна спогодба, на фирмата „Тополки“ доделил градежно земјиште за изградба на нова хидроцентрала. Во истата фирма „Тополки“ управител е Тодор Анѓушев, братот на Кочо Анѓушев.
Повторно прашуваме,
Дали станува збор за нов скандал каде што Владата во која што Кочо Анѓушев е втор човек му доделува нему во непосредна постапка согласност за изградба на хидроцентрала и согласност за доделување на земјиште за поставување на вод на друга хидроцентрала?
Дали станува збор за нов случај на судир на интереси каде што Владата во која што Кочо Анѓушев е вицепремиер му доделува државно земјиште Зоран Заев нему?
Кочо Анѓушев преку медиумите ја уверуваше јавноста дека неговите фирми нема да учествуваат и нема да добиваат бенефити од институциите на кои самиот им е претпоставен како вицепремиер.
На Кочо Анѓушев поважен му е личниот интерес и интересот на неговиот бизнис и тоа веќе го заклучи целата јавност.
Предупредувавме од самото негово назначување дека Анѓушев ќе работи единствено за неговиот личен интерес, а не за интересот на граѓаните на Република Македонија.
Кочо Анѓушев треба да се засрами и веднаш да си поднесе оставка.
На крајот Република Македонија и граѓаните ќе победат!
-соопшти Димче Арсовски.