Новогодишни лижавчиња со мелени бисквити кои ќе ги наполнат со нетрпение детските очиња, а мајките ќе уживаат во креативноста на готвењето се просто неодоливи и превкусни.
Лижавчињата-колачиња или „cake pops“ се идеални за претстојните празници за посебна радост на најмалите.
Овој десерт, може да биде украс на вашата празнична трпеза бидејќи со декорацијата можете да ја ослободите вашата фантазија и да си играте готвејќи, а секако би била вистинска забава ако и вашите дечиња би ви помогнале во тоа.
Потребни состојки:
- 150 г чоколадо за готвење
- 50 г путер (на собна температура)
- 150 г мелени бисквити
- 2 лажици рум (може да го замените со екстракт од ванила ако ги подготвувате за деца)
- 2 лажици кафеав шеќер
За украсување:
- 200 г бело чоколадо
- 180 г темно чоколадо
- шарени трошки, прехранбени светки, бисерчиња, ѕвездички итн.
- дрвени стапчиња за раженчиња или пластични стапчиња
Во голем сад ставете ги мелените бисквити, омекнатиот путер на собна температура, растопеното чоколадо, румот и кафеавиот шеќер.
Убаво измесете ги состојките со рацете и обликувајте топчиња, а потоа ставете го секое топче на стапче. За топчињата да не се вадат од стапчињата пред да го ставите топчето, натопете го врвот на стапчето во растопеното чоколадо.
Оставете ги наредените лижавчиња во замрзнувач на 10 минути за смесата добро да се излади и чоколадото во кое подоцна ќе ги топите брзо да се стврднува.
Натопете ги лижавчињата во веќе растопеното бело и темно чоколадо. Вртејќи ги во воздухот над садот тие веднаш ќе се ослободат од вишокот чоколадо, а потоа разубавете ги со шарени трошки.
Може да направите снешко, така што ќе споите две топчиња со бело чоколадо и врвот ќе го украсите со шарени трошки наместо капа, ќе ставите мали очиња и портокалово мало носе. Наместо раце може да ставите солени стапчиња. Направете и чоколаден ирвас со уши од переци.
Бидете креативни и создадете различни новогодишни слатки украси со вашите деца.