Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Македонскиот парламент Антонијо Милошоски денеска стана повторно цел на Обвинителството кое што поднесе Кривична пријава против него до Кривичниот суд во Скопје.
Скопското јавно обвинителство поднесе Обвинителен акт против три лица и Обвинителен предлог против 10 лица кои биле инволвирани во продажбата на објект во с.Ижишта-Општина Македонски Брод, кој го користела општина Пласница. По предметот, во јавноста познат како Моќник, пред неговото превземање од Основното јавно обвинителство Скопје, постапуваше Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од соджината на незаконското следење на комуникациите.
За ваквата состојба во јавноста се обрати Пратеникот Антонијо Милошоски кој е еден од обвинетите во овој случај.
Во продолжение ја пренесуваме неговата писмена реакција упатена во јавност преку социјалните мрежи:
“Обвинителството продолжува да биде алатка за притисок на власта кон неистомислениците.
Секој опонент на политиката на кланот Заеви кој ги разоткрива аферите на нивното крими-владеење, без разлика дали е новинар, политичар или стопанственик, се соочува со ризикот да биде неосновано обвинет, со цел да биде заплашен, а политичките прогони служат како параван зад кои ќе се кријат актуелните рекети, афери и организиран криминал на власта.
Но, се ќе има свој крај, вклучително и политичката злоупотребата на обвинители и судии од страна на власта на Заев.”