Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски продолжува со својата работна агенда посветена на средба со високи политички претставници на земјите членки на Европската Унија. Во текот на денешниот ден (01.10.2019) Мицкоски оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, Дирк Јан Коп.
На средбата како што беше соопштено од Прес центарот на ВМРО-ДПМНЕ се разговарало за актуелната политичка и економска состојба, но и за стратешките и реформски процеси кои се од големо значење за иднината на Република Македонија.
Мицкоски го информирал холандскиот амбасадор за низата на корупциски скандали во кои се инволвирани претставници од власта, но и СДСМ. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека е потребна брза и ефикасна разрешница на случајот Рекет 1 и Рекет 2 во која сите инволвирани ќе одговараат за стореното.
Соговорниците се согласиле дека владеењето на правото е клучно за иднината на Република Македонија пред се поради остварување на стратешкиот интерес на државата за добивање на датум за преговори со Европската Унија и нашето членство во Унијата.
Мицкоски истакнал дека од огромно значење е помошта и поддршката на Кралството Холандија за Македонија во сферата на реформи во правосудството, јавната администрација и владеењето на правото, но дека е потребна власт која сериозно ќе се зафати реформите за остварување на стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ и Република Македонија за членство во Европската Унија.