Во среда на 6-ти овој месец лекарите стоматолози излегуваат на протест како резултат на погрешните и проблематични политики кои актуелната власт ги практикува во нивната област на работа.
Протестот на здравствените работници е закажан пред ресорното министерство.
Во очи на вака најавениот протест стоматолозите се соочуваат со уште една понижувачка и девалвирачка појава која оди на штета на нивната работа и дејност.
Во реакција до јавноста потпишана од претседателот на Здружението на стоматолози од Кавадаречкиот регион, д-р Жарко Ѓорѓиев, реагира на слоганот „Подобро добар заварувач, отколку лош забар“, употребен во Кампањата „Снајди се со стручно“. Според претставникот на стоматолозите кој говори од нивно име во оваа реакција била направена недолична и навредлива споредба со која се удирало врз авторитетот и титулата на Докторот по дентална медиицина, кој се нарекувал „забар“, како и врз стоматолошката професија која на највулгарен и понижувачки начин се споредувала со дејноста „заварувач“, при што едната професија се вреднувала, а другата се девалвирала.
Од Здружението бараат јавно извинување од креаторот и нарачателот на овој промитивен видео запис, како и негово повлекување. Според Ѓорѓиев, ова било само уште еден доказ дека плаќањето по вредност на капитационен бод, нив, како стоматолози, ги довело до статус на маскота во недоличен спот. Во врска со ова, Ѓорѓиев, најавува дури и судска разрешница.


