Велес ќе биде домаќин на 15-то јубилејно издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ кој ќе се одржи од 4 до 7 јули 2018 година.
Велешани и сите посетители на овој фестивал ќе уживаат проследувајќи ги настапите на вкупно 18 директни учесници на фестивалот од кои 6 ансамбли од странство и 10 ансамбли од Македонија. Оваа година покрај домашните ансамбли ќе учествуваат ансамбли од Мексико, Естонија, Словачка, Србија и Црна Гора. Манифестацијата започнува на 4 јули (среда) во 19 часот од ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“.
Свеченото отворање на фестивалот е во 20 часот и 15 минути. Сите фестивалски вечери со почеток во 20:30 часот ќе се одвиваат во амфитеатарот во Младинскиот парк. Во случај на лоши временски услови фестивалот ќе се одвива во спортската сала „Гемиџии“.
„ Би сакал да изразам задоволство што ете доживеавме да прославиме цели 15 години од востановувањето на Интернационалниот фолклорен фестивал Велес и да му покажеме на светот дека Велес е град кој умее да прерасне во центар на светскиот фолклор и култура. Се надевам дека заедно и овој пат ќе се покажеме како одлични домаќини на оваа реномирана меѓународна манифестација и дека ќе имаме јубилеј за паметење“
-изјави Претседателот на Организациониот одбор Томе Јаневски.