Поранешниот претседател на Македонското собрание Трајко Вељановски на својата фејсбук страница се обрати кон јавноста со своја честитка по повод денешниот празник. Исто така упати порака кон Македонскиот народ да го чува сопствениот идентитет, културното и духовното наследство и сопствената независност.
“8-ми септември е денот на нашата најголема современа победа и остварување на сонот на најдемократски начин, преку референдум и решителност на граѓаните на Македонија да создадат своја независна држава, Република Македонија.
Денес, кога гордо и заслужено го одбележуваме овој ден, мора да сме насочени кон чување на нашиот идентитет, културното и духовното наследство и нашата независност.
Тоа е нашата морална обврска кон нашите предци, но и обврска за нашите поколенија. Да бидеш независен, значи да бидеш слободен, слободно да го зборуваш сопствениот мајчин јазик, да ја читаш и славиш сопствената историја, да имаш слобода да ја чуваш и негуваш сопствената култура и традиција, и да се нарекуваш така како што се чувствуваш.
Ние сме македонци, по род, јазик и култура а нашата држава е Република Македонија, така ќе продолжиме и да се нарекуваме.
Нека ни е честит Денот на независноста, Нека ни е вековита Република Македонија “