За време на посетата во март на воената зона во областа Донбас, групата странски новинари имавме можност да го посетиме градот Луганск, како и околните населени места, односно градот Славјаносербск и селото Трехизбенка, кои што тогаш се наоѓаа на 20 км од линијата на фронтот. Со свои очи можев да го видам и почувствувам ужасот на војната, разрушувањата и страдањата, како и моќта на животот, кога жители кои што практично изгубиле се во војната, не паѓаат духовно, и изјавуваат дека животот ќе победи, и дека тие повторно ќе ги изградат своите села и градови, и дека животот ќе се врати во полн тек.
Патувајќи од Доњецк за Луганск, се возевме по автопат кој што како резултат на граѓанската војна на Украина од 2014 година е во ужасна состојба. На автопатот на голем број на места имаше воени контролни пунктови, слаба раздвиженост на возила, со исклучок на неколку воени возила и камиони. Во 2014 и 2015 година околу автопатот Доњецк Луганск, како и железничката линија Доњецк Луганск, се водени страшни битки, пред се биткта за Дебалцево, која што заврши со пораз на украинската армија, и која што доведе до склучување на догорот Минск 2, кој што никогаш не беше реализиран на 100%.
Возејќи се и гледајќи низ автобуското стакло на бескрајните степи на областа Донбас, степите низ кои што во минатото се движеле разни војски и галопирале разни коњаници, од хуните под водство на Атила и големата преселба на народите, непобедливата коњаница на Џингиз-хан и неговите наследници, славните слободни воини – Козаците кои што биле чувари на границите на Руската Империја, тенковите и механизираните единици на Вермахтот и на Црвената Армија во Втората Светска Војна, па се до тенковите и механизираните единици на руската, доњецката, луганската и на украинската армија во денешно време. Плодните степи натопени со толку многу крв и во кои што слоеви лежи толку много историја и големи битки.
Возејќи се од Луганск и приближувајќи се кон Славјаносербск и Трехизбенка, можеше да се забележи дека војната е тука, и дека се водени воени дејства. Воени колони на руската и на луганската армија кои што се движеа во двата правци, покрај патот уништени одбранбени линии, ознаки за мински полиња, а во далечина се слушаа артилериски канонади, плус низок лет на два ударни хеликоптера, еден Ка-52 и еден Ми-28, и два јуришни борбени авиони Су-25СМ јасно ни ставија до знаење дека војната е блиску нас.
Градот Славјаносербск е поврзан со Балканот не само по своето име, туку и со своето основање и понатамошен развој. Во 1751 година, полковникот на австриската армија, Србин по потекло од градот Петервардејн, Иван Хорват фон Куртиќ, се обратил до рускиот амбасадор во Виена (Светото Римско Царство), дека голем број на Срби и други православни народи од Балканот сакаат да бидат примени на служба во армијата на Руската Империја, и да се преселат во Русија. На 22 мај 1751 година, Бестузев-Рјумин, во писмо до царицата Елизабета, го претставил проектот за привлекување Срби и Балканци на воена служба во Руската Империја. На 13 јули 1751 година, по препорака на царицата, полковникот Хорват и неговите офицери добија право да преминат во руско државјанство; во август, Хорват со група мигранти (218 лица) заминал во Русија и во октомври пристигнал во Киев. Следејќи го тимот на Хорват, полковникот Иван Шевиќ и потполковникот Рајко Прерадович пристигнаа во Киев во 1752 година со своите луѓе. По долга дискусија на различни нивоа за прашањето за поставување на оваа забава, беше одлучено тие да се населат помеѓу реките Бахмут и Луган, каде што била основана населбата Славјаносербск, која што потоа прераснала во град. Денес во Славјаносербск, според пописот од 2019 година, живеат 7 776 жители.
Иако Славјаносербск и Трехизбенка се блиску, како резултат на почетокот на граѓанската војна во 2014 година, Славјаносербск преминал на страната на Луганската Народна Република, а Трехизбенка останала во составот на Украина. Границата на разделување минувала по локалната река, и единствениот мост, кој што ги соединувал. Околу мостот украинската армија создала одбранбена линија, и од 2014 година, не им било дозволувано на жителите на Трехизбенка или Славјаносербск да го преминуваат мостот. Многу родители на тој начин не можеле да ги видат своите деца кои што останале во Славјаносербск и Луганск, а роднините и пријателите не можеле да се видат 8 години. Во 2014 година во Трехизбенка живееле околу 3 000 жители, но по почетокот на граѓанската војна, околу 1 500 млади и работоспособни жители го напуштиле селото и преку реката преминале на територијата на Луганската Народна Република. По почетокот на војната помеѓу Русија и Украина на 24-ти февруари, веќе на 26-ти февруари единиците на луганската народна армија и на руската армија, уништувајќи ги украинските одбранбени линии во близина на мостот, успеале да го ослободат селото Трехизбенка. Освен во центарот на селото каде што има неколку оштетени и разрушени објекти, другиот дел од селото не пострадал во воените операции.
Од разговорите со жителите на Трехизбенка, можеше да се заклучи дека главниот проблем за жителите е тоа што од 2014 година селото е без гас и парно, и како резултат на борбите околу и во селото во 2022 година, селото е останато без електрична енергија и без вода. Жителите исто чекаат од Луганската Народна Република да почне да им ги исплаќа нивните пензии, и да се забрза ставањето во функција на гасоводот, како и селскиот водовод и решавање на проблемот со електрична енергија. За време на нашето присуство во селото, беше видливо дека се започнати работите за реконструирање и враќање во функција на клучните објекти, и дека жителите добиваат хуманитарна помош и храна. Во селото денес претежно се останати стари луѓе и пензионери, но се уште можат да се сретнат млади брачни парови и деца. Неколку деца си играа и се лулаа на лулашките во центарот на Трехизбенка, кој што е значително оштетен и разрушен како резултат на воените дејства. И покрај ужасот на војната, можеше да се забележи детската радост и смеа на нивните лица. Во разговор со децата тие изјавија дека биле преплашени за време на борбите околу и во самото село, дека се криеле во подрумите и скривниците заедно со своите родители, и дека не би сакале истото тоа да им се повтори, или други деца во светот да го доживеат тоа. Постарите жители исто изјавија дека се криеле во подрумите и скривниците за време на борбите околу и во селото. Додека беше во тек раздавањето на хуманитарната помош, повеќе постари жители на селото пееја руски народни песни, почнувајќи од легендарната песна Катјуша, па се до песни на Козаците. Во тој момент можеше да се почувствува моќта на животот.
На прашањето што мислат за војната, најголем дел од жителите изјавија дека истата била неминовна, дека тие се среќни што се ослободени, дека тие се чувствуваат како Руси, и дека се надеваат дека ќе влезат во составот на Руската Федерација. На прашањето како се однесувале кон нив украинските војници изминатите 8 години, жителите изјавија дека во 2014 и 2015 година во селото биле разместени единици составени од националисти, кои што вршеле тортура и кражби, но после 2015 година во селото биле распоредени војници на украинската армија, и дека тие се однесувале коректно со населението, без никакви проблеми.
Црквата која што се наоѓа во близина исто претрпела оштетувања, од разни артилериски и минофрлачки гранати. Не успеавме да позборуваме со селскиот свештеник, кој што за време на нашиот престој се наоѓаше во градот Луганск за да помогне во транспортот на градежниот материјал за обнова на црквата и домовите, како и на хуманитарната помош за жителите на Трехизбенка.
Пишува: Дарко Тодоровски
Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар