После сите премрежја низ кои помина Република Македонија во изминатите три години под власта на Зоран Заев и СДСМ, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски ја реафирмира идејата за создавање на заеднички усогласена надворешна политика на сите политички чинители во државата како и стратегија за национална безбедност.
Оваа негова иницијатива доаѓа во предвечерие на јунскиот состанок на европската комисија кога треба да се одлучува за доделување на датум за почеток на преговори на Македонија и Албанија за членство во Европската Унија, наспроти заканите на официјалните лица на нашиот источен сосед Бугарија за блокада на овој процес доколку Македонија не се откаже од користење на “Македонски јазик” и Македонското малцинство во соседните земји пред се во Бугарија, како и од настојувањето за идентификација на националниот водач Гоце Делчев како Македонец.
Во продолжение го пренесуваме коментарот на Александар Николоски во врска со оваа иницијатива:
Нас како држава итно ни е неопходно да создадеме заеднички усогласена надворешна политика како и стратегија за национална безбедност. Овие два документи треба да се прифатени од сите политички партии и да бидат основа на работата на секој министер за надворешни, внатрешни и одбрана како и директорите на безбедносните агенции, без разлика од која партија се.