Продолжението на конститутивната седница во Македонскиот парламент на која вчера беше избран за Претседател Талат Џафери од ДУИ во јавноста покажа повеќе очигледни факти кои излегоа на површина како резултат на задкулисните игри во изминатиот период.
Во парламентарната дебата која претходеше на гласањето на предлогот за избор на Талат Џафери за Претседател ан Собранието дојде до израз новата енергија на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои што со моќта на аргументите како што доликува на една парламентарна демократија ги образложија своите ставови зошто Талат Џафери не треба да биде избран за Прв меѓу еднаквите.
Професорката по уставно право Гордана Силјановска Давкова упати свои забелешки по однос на непочитувањето на уставните и деловнички процедури со кои се обидува тесното парламентарно мнозинство да го избере Џафери за претседавач.
-“Членот 110 од Деловникот вели дека не претседавачот туку Претседателот на Собранието е должен најдоцна во рок од 3 дена од добивањето на информацијата на Претседателот за доверен мандат да ги информира пратениците”, соопшти Проф. Силјановска.
-“Ова е денот кога почнува мафијата да добива нова влада, и мафијата да добива нова држава”, ефективно укажа Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски во својот прв говор во Собранието.
За Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски планираната влада на Зоран Заев нема да издржи 4-6 месеци на власт од каде ќе биде срушена не во Собранието туку на улици со масовни демонстрации предизвикани поради незадоволството на граѓаните од тешката општа состојба на сите полиња на живеење во Мaкедонија. Дополнително Александар Николоски предочи дека политичките решенија на кревкото парламентарно мнозинство се базираат само на потребата да се одржат на власт истрошените политички кадри на СДСМ и ДУИ, а интересот на државата и граѓаните е ставен настрана.
“…Мислам дека мнозинството кое што се потпиша на оваа кандидатура денес го губи образот. Затоа што едните во кампањата зборуваа дека ќе прават друг вид на коалиција доколку победат, а мислам на СДСМ и нивните коалициони партнери, и дека ќе го пуштат ДУИ во опозиција. А, вторите зборуваа дека ќе направат коалиција единствено само и доколку добијат свој кандидат за премиер, односно за претседател на Владата. И едните и другите на тој начин добиваа гласови“, соопшти Николоски пред целокупната Македонска јавност.
Непринципиелноста и промената на ставовите на Зоран Заев и политичката елита на ДУИ во изминатите неколку месеци се сведува на дневно политички интереси кои што одат токму во насока на одржување на власт по секоја цена на СДСМ и ДУИ. За Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска оваа појава е нечесна игра која оди на штета на Македонија.
„Вашите нечесни игри токму Македонија многу ја чини. И затоа сме овде каде што сме, заплеткани во изнаоѓањето на датум за почеток на преговори со ЕУ. Заплеткани во сериозна економска и здравствена криза. Заплеткани во правните лавиринти и нефункционалната демократија“, соопшти пратеничката Стојаноска.
Ваквиот дефектен систем во кој Македонија се впушта на почетокот на овој парламентарен мандат најубаво и пластично го објасни Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев кој ги разобличи ваквите напори за ситно партиско и лично профитерство на поединци во врвот на СДСМ и ДУИ.
-“Да излезевте сега и да кажевте дека предлогот за претседавачот Талат Џафери е само за пусти пари и власт како што впрочем и вашиот претседател Заев го именуваше ДУИ ќе разберевме. Но, да излеземе и да кажуваме дека во минатите три години Собранието било водена на таков професионален, демократски, перфектен начин е само уште еден груб обид за манипулација и лажење на сопствениот народ, впрочем нешто и во што сте најдобри и најдобро го правите. Свесни сме сите и народот за сите пазарења, за сите прекршувања кои што ги правевте и на процедурите и на законите, начинот на кој што се доби мандатот, сите деловнички прекршувања во однос на закажувањето и на оваа седница,” соопшти Игор Јанушев.
Пратеникот Антонијо Милошоски ги запраша пратениците на СДСМ: Ако се точни тврдењата на Заев и Касами дека ДУИ е криминална партија, тогаш како ние да гласаме за Талат Џафери?
Пратеникот Никола Мицевски од Штип ја изрази својата скептичност по однос на траењето на кревкото парламентарно мнозинство од 62 пратеници:
-“Со 62 пратеници нема функционалност и нема стабилност да има во овој законодавен дом, свесни сте и вие дека оваа работа нема далеку да оди и нема далеку и да стигне, гледаме дека и самиот почеток кој 2-3 дена успевате некако да го менаџирате и со различни изјави излегувате пред македонската јавност ви оди многу тешко”, истакна Мицевски.
Обраќањето и на останатите пратеници на оваа Конститутивна седница беа со силни аргументи зошто Талат Џафери не треба да биде поддржан за Претседател на Собранието.
Сите обраќања на пратениците од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на конститутивната седница може да се погледнат на сл. линк тука.
Откако беше изгласан со 62 пратеници ЗА и 43 пратеници ПРОТИВ Талат Џафери ја даде својата свечена заклетва дека ќе биде претседател на сите пратеници и оние кои гласале за него и оние кои не го поддржале за оваа функција.
Покрај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ против предлогот Талат Џаферида биде претседател на собранието гласаа и двајцата пратеници на Левица.
За време на заклетвата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата каде што се оджуваше пленарната седница.
Претходно седницата ја напуштија пратениците од Алијанса и Алтернатива.
Ваквата офанзивна и проактивна улога на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на чии што аргументи немаше соодветни одговори од страна на пратениците на СДСМ кои и самите делуваа дека не се убедени дека треба да го поддржат Талат Џафери за Претседател, внесе момент на нова енергија која до сега во изминатите мандати на собраниските состави не беше видлива во собраниската сала. Секако ваквата силна синхронизација на аргументи, знаење и јасни принципи на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е вовед во падот на сеуште неформираната влада која Зоран Заев ја најави за многу краток период.
Изборот на Џафери со 62 гласови ЗА и 43 гласови ПРОТИВ е факт кој говори за истанченост на стаклените нозе за поддршка на идната влада која Зоран Заев пред неколку денови соопшти дека ќе ја предводи во наредните 4 години.


