Актуелната брзорастечка сиромаштија оди во прилог на редефинирање на постоењето на Македонија како посебен политички субјект во меѓународни рамки
Ако сакаш да контролираш цел еден народ, најпрво направи го сиромашен. Секој ден покажувај му колку не го бива да се снајде во животот ако не е дел од партискиот протекционизам и елитизам на функционерите од власта. Гази по неговите традиции, воспоставен начин на живот и вредности, исмевај го со сите негови идентитетски карактеристики и остави го на маргините на општеството.
Истовремено воведи му контрола на јавното мислење преку сузбивање на мислење различно од тоа на шефот.
Пресметката со неистомислениците кои што јавно се обидуваат да ги критикуваат штетните и погрешни политики на власта секако е добредојдена за власта а игнорирањето на ваквите поразлични мислења од страна на функционерите на власта е прв стадиум кон воведот за нивно жигосување, прогонување и притискање од страна на инструментите на системот под контрола на СДСМ.
Оние “тврдоглавите” и аполитични граѓани кои што “немаат време за политика” несакајки некој партиски војник да им кажува што да работат во животот за да успеат, си ја бараат својата егзистенција надвор од државата. На тој начин Македонија останува без својот најзначаен ресурс-народот. Сузбивањето на политичкиот активизам до ниво на апатија на Македонските граѓани оди во директна служба на власта која што ги држи под своја контрола полугите на моќ преку кои што спроведува штетни политики за Македонските граѓани. Таа аполитичност доведува до состојба на владеење на неспособни криминогени структури во државата кои стануваат мнозинство наспроти прогресивното ткиво кое што може да создава некаква економија за себе и за државата.
Печалбарството е неминовна последица од сузбивањето на прогресивната политичка мисла кај цело едно јадро на интелектуелци и работници кои што во поинакви услови можат да ја крепат државата во нејзиниот постепен прогрес. Притоа при ваквата етнолошка турбуленција на менување на структурата на резидентното население во државата, се повеќе до израз доаѓа партизацијата на општеството и продлабочување на поделбите помеѓу тоа резидентно население.
На тој начин се намалува кохерентноста на граѓаните во државата и се зголемува меѓусебната спротивставеност и поларизација кон речиси сите политички процеси.
Паралелно на тоа тезата “сите се исти” е во директна корелација на модерирање на контролата над системот од страна на Зоран Заев и неговите полуги на моќ.
И оттука имаме ситуација каде граѓаните врз основа на својата загрозена егзистенцијалност се разединети, со сузбиена политичка волја за менување на состојбите а Зоран Заев продолжува со практицирање на власта на саму нему својствен начин.
И уште подлабоко, на тој начин дефакто е нарушен субјиктивитетот за постоењето на политички ентитет кој го означува заедништвото на народот во рамки на една држава- Македонија во случајот.
Ова е суштинската причина предизвикана од политички центри на моќ за поделба и редефинирање на постоењето на Македонија како заедничка држава на спротивставени ентитети. Врската меѓу сиромаштијата и редефинарењeто на постоењето на една држава е повеќе од очигледна. Во прилог на оваа теза иде и брзото богатење на поедини политички елити кои што од позиција на финансиска моќ ги диктираат политичките текови во државата без разлика на демократски-декларираните избори за избор на политичко лидерство во државата од страна на граѓаните на директни избори.
Оттука националната сувереност и постоење на посебен политички субјект како Македонски народ и Македонска држава зависи во директна мера од животниот стандард т.е. нестандард на носителите на тој политички субјективитет.
Ловење во матно (раздели па владеј) или останување на власт во државата на Зоран Заев по секоја цена значи чекор поблиску до менување на начинот на живот на Македонските граѓани кон полошо
Контролата на поделените гласачки табори од страна на политичките елити на левица и десница, на македонски етнички партии и албански етнички партии е темел за механизмите за понатамошна контрола на волјата на граѓаните кои на избори гласаат за едно а всушност добиваат нешто сосема друго после избори.
Ваквиот тренд на политичка измама на граѓаните е особено истакнат во последните 4 години на подемот на моќта на СДСМ во државата. Зоран Заев дојде на власт ветувајки се она што сакаше да го слушне народот во 2016 година. Откако ја бетонира својата власт тој започна со исполнување на се она што кажуваше дека нема да го спроведе, а се она за кое граѓаните гласаа, остана само шарена лага за еден момент од постоењето на Македонската историја.
Сега веќе и поголемиот број на медиумски мегафони кои што ја срушија власта на Никола Груевски и ревносно го глорифицираа Зоран Заев во изминатите 5 години се свесни за штетноста на политиките на Зоран Заев, па се обидуваат да го фатат текот на новото време во кое се поизвесен е падот на актуелната власт.
Дополнително пролонгирањето на кризата со Ковит-19 во Македонија што намерно ја прави Зоран Заев преку неговиот “другар по мотори” Венко Филипче со ненабавување на вакцини за вакцинација на населението исто така оди во прилог на агендата за останување на сила на актуелната власт што е можно подолго. Преку загрозувањето на егзистенцијализмот на населението, кое што е во општа паника под налет на заканите од пандемијата , Зоран Заев кој што ги држи државните вентили во свои раце од кои што зависат многу семејства, полесно може да ја контролира политичката волја на поедини таргет групи кои што се во директна подреденост на приливот од тие славини чии што вентили ги држи во свои раце лично Зоран Заев.
Во очекување на посветла иднина, потребно е обединување!
Но на крајот на денот граѓаните легнуваат да спијат и со секој нов ден се будат со продлабочена криза и проблеми кои што дополнително го пробиваат дното на постоење на нивниот секојдневен живот.
Во систем на демократија постои владеење на демократските вредности. Во име на тие демократски вредности наредните избори е потребно да бидат своевиден фестивал на демократијата во Македонија, со масовно излегување на гласање за подобар живот на Македонските граѓани наспроти овој хаос и агонија во кои што денес живееме. Само на тој начин можеме да ја зачуваме унитерноста на Македонија, нејзиниот просперитет и подобра иднина како за сегашните така и за идните генерации.
Единствен предводник на фронтот за пад на владата на Зоран Заев во Македонија е ВМРО-ДПМНЕ околу која што партија треба да се направи обемно обединување на сите прогресивни сили во државата . Секаква друга агенда е со цел на ситнење на фронтот против Зоран Заев, продлабочување на поделбите и опстојување на полугите на моќ на актуелната власт во државата.
Пишува: Анастасов Кирчо